Tутунарите незадоволни, Мирчески апелира доколку не се цени добро, кутиите тутун да се оставаат за второстепена комисија
Откупот на тутунот продолжува, но според производителите, проблемите не се надминати. И натаму проценката на родот не е реална.
„По потпишаниот Договор од петокот, денеска очекувавме дека ќе се подобрат работите. Се случи неочекуваното, и горе-долу останаа истите проблеми на теренот. Некој е задоволен, но мнозинството се незадоволни. Затоа, ги замолуваме и ги охрабруваме тутунопроизводителите да оставаат кутии тутун за Второстепената комисија, секој кој смета дека му се цени тутунот нереално. Имаме најава, а тоа го кажа министерот Хоџа на состанокот во петокот, дека секој што ќе остави тутун за второстепена комисија, ќе се цени класа погоре. Само на таков начин може да извршиме притисок врз компаниите реално да прават проценка“, изјави Игор Мирчески од Иницијативниот одбор на „Група македонски тутунари
Мирчески најави дека во четврток ќе имаат средба со премиерот Зоран Заев.
Според претседателот на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија, Менде Стомнароски, тутунарите ја имаат поддршката од Сојузот. Тој ги повика поверениците да ја работат работатата за која се платени.
„Секоја нереално проценета кутија тутун, да биде тргната настрана, за Второстепената комисија. Доколку не сакаат, да биде повикан Земјоделскиот инспекторат“, рече Стомнароски.
Од утре, доколку тутунот нерелно се цени, производителите ќе вршат притисок на откупните пунктови, особено, како што истакнаа, на пунктовите на Сокотаб, компанијата која не го потпиша Договорот, а е најголем откупувач со повеќе од 7 000 тони тутун.
„Притисокот ќе вршиме и кај другите откупувачи кои нереално го проценуваат родот, ќе се спорат вагите, ќе се врши блоакда на вагите“, изјави Мирчески.
Од 10-те откупувачи, во земјава купуваат осум на околу 190 пункта со преку 200 ваги. Министерството за земјоделство се обврза секојдневно да ги објавува откупените количества и просечната цена. За четврток се најавува средба со премиерот.
Годинава реколтата тутун се цени на околу 23 000 тони.
извор: МИА