Тешко вооружени специјалци спроведоа рации низ Турција, уапсени припадници на ИСИЛ (ВИДЕО)
Турската полиција уапси 189 лица осомничени дека се екстремисти на Исламската држава (ИСИЛ) во рации низ целата земја, соопштија денеска официјални лица. Во 37 градови и провинции беа извршени апсења на осомничени за припадност на таа сунитска исламистичка група.
Апсењето дојде еден ден откако Анкара ги спречи планираните џихадистички напади врз синагогите и црквите во Турција со апсење на околу 30 лица. Турција претходно доживеа неколку смртоносни напади поврзани со ИСИЛ. Полицијата претреси неколку станови и згради во Истанбул и Анкара, заедно со голем број други градови, објави министерот за внатрешни работи Али Јерликаја на X.
На таа социјална мрежа тој сподели и фотографии од наводни оперативци на ИСИЛ со лисици на рацете, уапсени во ноќен напад во нивните станови. Турција во петокот уапси 32 осомничени екстремисти на Исламската држава, кои наводно планирале напад врз ирачката амбасада.
Националноста на приведените и деталите за нивните планирани напади не се објавени. Самопрогласената Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот во ноќниот клуб во Истанбул во 2017 година, во кој загинаа 39 лица на новогодишна забава. Оттогаш, Анкара рутински ги напаѓа осомничените од Исламската држава.
На почетокот на мај, Анкара објави дека турските разузнавачки сили го убиле лидерот на Исламската држава Абу Хусеин ал Кураши во Сирија. ИСИЛ го избра Ал Кураши за свој водач во ноември 2022 година, откако претходниот лидер на ИСИЛ беше убиен во операција во јужна Сирија.
Исламската држава презеде контрола врз големи делови од Ирак и Сирија во 2014 година, а нејзиниот лидер во тоа време, Абу Бакр ал-Багдади, прогласи исламски калифат на територијата на која живееја милиони луѓе.