Избор на уредникотРелигијаТоп

Света Геновева, позната како заштитничка на градот Париз

Света Геновева

Света Геновева е позната како заштитничка на градот Париз. Особено била почитувана во Галија (денешна Франција), но и во целиот христијански свет. Во нејзиното житие е опишана како мирна девојка, која се родила во Нантер (мало село во близината на Париз), некаде околу 423 година, во семејството на Северус и Геронтија. Според тогашниот обичај, таа често се грижела за стадата на татко ? на планината Валериен. Уште од детството била многу побожна и богобојазлива. Чувајќи го стадото, имала многу време за молитва. Во петнаесеттата година од својот живот раздала с?, се заветила на девствен живот пред светиот епископ Герман Оксерски, кој ја замонашил. Но, бидејќи немало манастири во близина, не само Геновева туку и другите, кои се заветиле на Бог, останувале дома, водејќи повлечен живот исполнет со молитва. Живеела во својот дом сe до смртта на своите родители, а потоа отишла да живее со баба ? во Париз. Таму, под раководство на епископот, се посветила на добротворна работа и целосно се предала на строги подвизи на пост, бдение и молитва. Од Бог добила дарови на проѕорливост и чудотворство. Света Геновева се упокоила на 3 јануари 512 година, во 89-та година од својот живот. Нејзините свети мошти подоцна биле префрлени во црквата Свети Етиен-Ду-Мон во Париз. Нејзиниот свет спомен се слави на 3/16 јануари. Во нејзина чест се подигнати и посветени многу цркви ширум Франција.

Тропар
Светол пламен се пред Господа твоите молитви, о Геновево мајко наша преподобна, силна река се солзите твои, кои Бога Го умилостивуваат. До крајот на вековите за нас моли се, ти вечна покровителке на нажалените, заробените од окови и гревови, Невесто Христова, девојко од свитата на Пресвета Богородица.

Кондак
По твоите молитви Христос го пасеше Израилот во градот Париз, со твоето застапништво Троичниот опоменуваше и простуваше, твојата глава приклонета пред престолот измоли покров од Пресвета Богородица, о Геновево гулабице Христова света.

Светиот пророк Малахија

Според редоследот на времето тој е последниот од Пророците. Се роди по враќањето на Евреите од вавилонското ропство. Во лицето беше необично убав. Преданието вели дека народот го нарекувал ангел, можеби заради неговата надворешна убавина или заради чистотата на душата или пак затоа што се дружел со Божји ангел. Често говорел со ангелот лице в лице. Се случувало и другите да го чујат гласот на ангелот, но не биле достојни да му го видат лицето. Она што му го јавувал ангелот, младиот пророк го пророкувал. Викал кон неблагодарниот Израил и кон беззаконите свештеници. Петстотини години пред Христа јасно го прорекол јавувањето на Свети Јован Крстител. Но главно тој е пророк на Страшниот Суд. Како млад се престави кај Бога и после него немаше веќе пророк во Израилот до Јован Крстител.

Тропар
Во вечниот ден Господов, лице в лице проповеда апостолот да се видиме, а ти, Пророче на Христовото доаѓање, со Ангелот везден собеседеше, благодатта на јаве светлина од тебе излеваше, народ во закон Божји приведуваше, моли се за нас ти, кој сега стоиш пред престолот на славата.

Светиот маченик Гордиј

Роден е во Кесарија Кападокиска. Беше офицер во римската војска во времето на царот Ликиниј. Но кога настана страшно гонење на христијаните, ја остави војската и чинот и се оддалечи во Синајската пустина. Осамен на планината Хорив времето го поминуваше во молитва и размислување за тајните на небото и земјата. Особено размислуваше за суетата и ништотноста на овој свет, околу што луѓето се мачат и се борат на земјата и најпосле посака да умре за да се пресели во непропадливиот живот. Со таа желба тој слезе во градот во време на некои незнабожечки трки и игри. Му се пријави на градоначалникот како христијанин. Овој залудно го одвраќаше од верата со ласки и со закани. Гордиј остана непоколеблив и тврд како дијамант и говореше: „Зарем не е безумство со овој пропадлив живот да се купува вечната мака и погибел на душата?“ Осуден на смрт радосно иташе кон губилиштето и патем им говореше на џелатите за скапоцената Христова наука. Со Исусовото име на усните го предаде своето младо тело на меч, а праведната душа на Бога, во 320 година.

Тропар
Од тркалиштето на овој свет, во мирни води на небесното царство, те приведе Христос, о Гордие свети мачениче, нам ни остави светол пример на исповедник, кој верата во човека ја засилува, затоа за нас моли се да не ослабиме во искушенијата кои светот ни ги подметнува.

Поврзани вести

Back to top button