Србин пронашол бесплатно греење – странците чекаат во ред, а државата не е заинтересирана
Кога по долги години се вратил во родниот Крагуевац, професорот Петровиќ бил сигурен дека Србија со задоволство ќе ги прифати иновативните патенти што значајно можат да ја подобрат економијата во земјата.
Во Крагуевац, на својот имот од два хектари, професорот Петровиќ поставил сончеви колектори за со практична примена да докаже дека е возможно бесплатно греење. Оттогаш го посетиле многу официјални лица, особено за време на предизборните кампањи, но немало конкретен договор.
Во меѓувреме, потенцијалот на проектот го препознала фирма од Норвешка која склучила договор со професорот.
– Српските власти едноставно не покажаа никаков конкретен интерес за она што го работам. Но, затоа интерес покажаа другите земји. Потпишав договор со голема компанија која работи на пловечки острови. Таа во Монако треба да реализира голем проект, инвестиција вредна милијарда евра за која е потребна соларна енергија. Заинтересирана е за оваа технологија – вели Петровиќ.
Тој објаснува дека е единствениот во светот што има технологија за производство на струја од сончева енергија 365 дена, 24 часа на ден.
– Развивме и постапка за десолинизација на морската вода кога потрошувачката на енергија е релативно мала, така што отпадната топлина од соларниот систем се користи за десолинизација на морската вода. Така може да се добијат илјадници кубни метри вода за пиење и производство на електрична енергија 365 дена – вели тој.
Професорот Петровиќ се присетува на тоа како неговата фабрика ја посетиле претставници од 19 држави за да се запознаат со новите технологии.
– Држев одлични предавања на Машинскиот факултет на тема: движење на економијата врз основа на новите технологии, технологија што на Србија може да ѝ обезбеди фантастичен економски напредок. Меѓу другите технологии, претставив и проекти за безжичен пренос на електрична енергија, добивање струја од јоносферата, добивање нафта од сончевата енергија, добивање нафта од биомасата, како да одделите СО2 од атмосферата со помош на сончева енергија, како по хектар да добиете 100 тони нафта врз основа на фотосинтеза. Но, Србија не е заинтересирана – завршува тој.