Состојбата со коронавирусот во светот до 17 часот
Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 129.842 луѓе заразени со новиот коронавирус. Од нив починати се 4.751, а оздравеле 68.672.
– Демохристијаните на германската канцеларка Ангела Меркел ја одложија конференцијата закажана за 25 април во Берлин, на која требаше да изберат нов лидер на партијата. ЦДУ информира дека конференцијата ќе се одржи кога ќе се стабилизира ситуацијата со новиот коронавирус.
– Претставниците на признатите цркви во Австрија на денешната средба со австрискиот канцелар Себастијан Курц договорија привремено запирање на верските служби и собири.
– Хрватската агенција за надзор на финансиски институции го запре денешното тргување на Загрепската берза до крајот на денот заради заштита на инвеститорите.
– Од денеска во Данска стапува во сила одлуката за затворање на сите предучилишни и образовни институции. Сите јавни службеници кои не извршуваат задачи од клучно значење добија наредба да останат во нивните домови следните две седмици. На болниците и домовите за стари лица им е наложено да ги заострат ограничувањата за посети. Сите културни институции во затворен простор, книжарници и објекти за забава се затворени.
– Училиштата, факултетите и другите јавни установи во Република Ирска ќче бидат затворени поради пандемијата на коронавирусот. Ирскиот премиер Лео Варадкар рече дека мерките, кои стапуваат во сила денеска ќе траат до 29 март.
– И Норвешка планира затворање на сите училишта и градинки откако во таа земја се евидентирани 621 случај на заразата.
– Во Азербејџан е забележан првиот смртен случај од Ковид-19. Во таа земја досега се евидентирани 15 случаи на заразата.
– Бројот на инфоцирани со коронавирус во Австрија се зголеми на 361 случај.
– Уште петмина новозаболени во Хрватска. Вкупниот број сега изнесува 24 заразени со коронавирус.
– Секретарот за комуникации на бразилската Влада, Фабио Вајнгартен, е позитивен на коронавирус. Тој беше дел од делегацијата на бразилскиот претседателот Жаир Болсонаро за време на неговата посета на САД, каде се сретна со претседателот Доналд Трамп и потпретседателот Мајк Пенс.
– Холандскиот премиер Марк Руте забрани собири од над 100 лица и препорача работа од дома кога е тоа можно, најмалку до 31 март.
– Во Велика Британија е регистриран десетиот смртен случај поврзан со Ковид-19. Од вкупно 29.746 тестирани во таа земја, 590 се позитивни на вирусот.
– Филипинскиот претседател Родриго Дутерте најави „режим на движење” за престолнината Манила, заради борба со коронавирусот. Во таа земја досега има 53 случаи и двајца починати.
– Од денеска до 1 април затворени за јавност ќе бидат објектите на американскиот Конгрес во Вашингтон, што подразбира и објектите на Претставничкиот дом и Сенатот.
– Европскиот Центар за контрола и превенција на болести соопшти дека постои висок ризик дека здравството во ЕУ во борбата со коронавирусот „ќе биде проптоварено”.
– Лари Кудло, економски советни на американскиот претседател Доналд Трамп, пред републиканците соопшти дека е можно денеска Трамп да ја потпише Декларацијата за катастрофа, согласно Законот Стафорд. Тој закон го овластува Претседателот да прогласи „катастрофа” или „вонредна ситуација” поради инциденти кои ја надминуваат способноста за реакција на државата или локалната самоуправа.
– Чешката Влада прогласи вонредна состојба за цела земја, што значи забранети собири за над 30 луѓе и ограничена работа на јавните објекти како што се ресторани, книжарници, и фитнес центри. Вонредната состојба би требало да трае 30 дена.
– Од Ковид-19 почина Роберто Стела (67), шеф на здружението на лекари во италијанскиот град Варесе.