Семејството на Албанка од Македонија било против нејзиниот брак со загрепчанец, ја киднапирале од куќата на нејзиниот вереник
Кривични пријави се поднесени против 57-годишник и 38-годишен маж кои противправно лишиле од слобода млада Албанка од Македонија. 57-годишниот маж инаку вујко на девојката заедно со неговиот 38-годишен помошник ја киднапирале девојката од куќата на загрепчанецот за кого таа требало да се омажи минатата сабота, пишува Индекс.хр.
Откако беа сослушани во обвинителството, истражниот судија на Жупанискиот суд во Загреб на двајцата осомничени им одреди едномесечен притвор за да ги спречи да влијаат врз сведоци или да го повторат делото. Весникот „Јутарњи“ дознава дека двоецот всушност ја исполнувал наредбата на семејството на Албанката.
Мајката на младата девојка која живее во Македонија не ја одобрувала врската на нејзината ќерка со маж од Загреб. Нејзиното противење наводно е поврзано со националноста на младиот човек, кој е Хрват. Затоа, таа стапила во контакт со 57-годишниот осомничен кој живее во Хрватска и е вујко на младата Албанка.
Мајката го замолила да и помогне да ја врати ќерката во Македонија, па дури и да употреби сила доколку е потребно. Инспекторите претпоставуваат дека 57-годишниот вујко го повикал 38-годишниот маж на помош и дека двајцата пред неколку дена со автомобил се упатиле кон куќата во Нови Загреб во која живеела внуката со нејзиниот вереник и неговите родители.
Јутарњи наведува дека тие боса и во ноќница ја извлекле младата девојка од кревет, по што заминале во непознат правец. Вереникот на девојката и неговиот татко неуспешно се обиделе да го спречат киднапирањето на девојчето, но успеале да го снимат комбето во кое се оддалечиле киднаперите и за се ја известиле полицијата.
Полицајците набрзо ги пронашле киднаперите, иако при бегството на младата Албанка, тие ја пресоблекувале и го смениле возилото. Таа била во куќата на 38-годишниот осомничен. Осомничениот двоец ја признал вината при излагањето на својата одбрана, а младата девојка се вратила кај својот вереник.