Македонија

Савески: Не му се ситам на Чавков, бидејќи и тој е човек

„Вчерашните апсења сами по себе беа оправдани, но впечаток е дека се отиде и прешироко и престрого. Колку да се виновни, обвинението за тероризам ќе да е престрого. Колкумина и да беа навистина инволвирани, ќе да е некој, поради некоја друга причина заглави“, пишува Здравко Савески од Левица, на својот Фејсбук профил.

„Престрого се отиде и со утврдувањето на мерката притвор. Да се потсетиме, притворот е своевидно казнување без пресуда и треба да се применува само кога е нужно. Секогаш кога е можно, треба да се применуваат поумерени мерки за обезбедување на присуството.

Ме загрижува и ситењето на туѓа сметка од страна на голем дел граѓани. Ќе ни се подобри животот поради тоа што овие заглавија? Зошто толку радост? Митко Чавков беше човекот што директно ги притискаше судиите лани во мојот случај, да завршам во притвор. Оттука, немам никаква причина да го сакам. Напротив. Но, не можам да се ситам што заврши во притвор. Во крајна линија, не е човечки тоа.

Најтешко е да се бранат човековите права кога толпата бара крв. Но, тогаш е и најважно да се бранат. Колку и да го нејќеш некого како политички противник, не смееш да заборавиш дека и тој е човек“, пишува Савески.

Поврзани вести

Back to top button