Саудиските принцеви мистериозно исчезнуваат низ Европа
Во последните две години исчезнаа три саудиски принцови кои живееја во Европа. Заедничко им е тоа што секој од нив ја критикуваше власта во татковината. Постојат докази дека се киднапирани и вратени во Саудиска Арабија, пишува BBC. Оттогаш им се губи секаква трага.
Во раните часови на 12 јуни 2003 година, саудискиот принц Султан бин Турки бин Абдулазиз ја посетува палатата во предградие на Женева во сопственост на неговиот чичко – покојниот крал Фахда. Поканет е од омилениот син на кралот – принцот Абдулазиз бин Фахд. Абдулазиз бара Султан да се врати во Саудиска Арабија, и да го разреши конфликтот настанат поради неговите критики кон саудиските лидери. Султан одбива, а Абдулазиз оди да телефонира.
Другиот човек во просторијата е саудискиот министер за исламски работи – Салех ал Шеик. Тој исто така ја напушта просторијата, а само неколку моменти подоцна, во собата упаѓаат маскирани лица. Го претепуваат Султан, го врзуваат и му ставаат инекција во вратот. Однесен е до женевскиот аеродром во бесознание, и е качен на медицински евакуационен авион, кој го чека на пистата…
Ова е верзијата што самиот Султан што ќе ја раскаже пред швајцарскиот суд неколку години подоцна.
Меѓу луѓето на Султан кои го очекуваат неговото враќање во женевскиот хотел по средбата со Абдулазиз, е и Еди Фереира – неговиот директор по комуникациони прашања.
„Со текот на времето, молкот стануваше неподнослив“, се сеќава тој. „Не можевме да се поврземе со екипата за заштита. Тоа беше првиот предвесник дека нешто се случува. Се обидовме да се поврземе и со принцот – немаше реакција, немаше одговор“. Дури подоцна, во доцните вечерни часови, стигнуваат двајца неочекувани посетители.
Едниот е саудискиот амбасадор во Швајцарија, а другиот е директорот на хотелот. „Влегоа во пентхаусот и едноставно ни рекоа на сите присутни да го ослободиме апартманот и да си заминеме“, раскажува Фереира. „Принцот е во Ријад, нашите услуги повеќе не му се потребни, можеме да си одиме“…
Што би можел да направи принцот Султан за да го натера неговото семејство да го дрогира и киднапира?
Година порано тој пристигнува во Европа со цел да му бидат извршени одредени медицински процедури. Во меѓувреме почнува да дава интервјуа, интервјуа во кои е критичен кон саудиските власти. На пример, го осудува кршењето на човековите права во земјата, се на корупција меѓу принцовите и чиновниците, и повикува на серија реформи.
Од 1932 година, кога кралот Абдулазиз ака. Ибн Сауд, ја основа Саудиска Арабија, државата е управувана како апсолутна монархија. И дисиденти таму не се толерираат.
Принцот Турки бин Бандар беше мајор на саудиската полиција, одговорен за обезбедување на кралското семејство. По еден жесток спор околу наследство, Бандар завршува во затвор. По ослободувањето побегнува во Париз, од каде во 2012 година почнува да објавува видеа на YouTube во кои повикува на реформи во својата земја.
Саудијците ќе пробаат да го убедат Турки да се врати по истиот рецепт. Повикан е на средба од заменик министерот за внатрешни работи Ахмед ал Салем, но принцот тајно го снима разговорот и исто така го објавува на интернет. На видеото може да се слушне следниов разговор:
„Сите го очекуваат твоето враќање, Бог да те благослови” – вели Салем.
„Го очекуваат моето враќање?” – прашува Турки. „А што е со писмата кои твоите луѓе ми ги праќаат?“, па цитира „Копиле, ќе те вратиме назад како Султан”.
Салем уверувачки и смирено му одговара: „Нема да те допрат. Јас сум твој брат“ – вели.
Но Турки знае дека заканите доаѓаат од име на министерот и дека Министерството за внатрешни работи ги праќа киднаперите. Продолжува да објавува видеа до јули 2015-та, а некаде кон крајот на годината исчезнува без трага.
„Контактиравме месец-два“, раскажува негов пријател, блогерот и активист Ваел ал Халаф. „Следните 4-5 месеци исчезна. Почнав да се сомневам. Тогаш дознав од висок офицер во кралството дека Турки бин Бандар е вратен кај нив. Очигледно го киднапирале“.
По долга потрага, Ваел открива напис во мароканските весници во кои пишува дека Турки се враќа во Франција по посетата на Мароко, каде бил уапсен и притворен и каде му било одредено депортирање.
Не се знае што точно се случило со Турки бин Бандар, но пред да исчезне на Ваел му дал копија од својата книга со порака: „Мил Ваеле, овие изјави не треба да ги објавуваш, освен ако ме киднапираат или убијат. Знам дека тоа ќе се случи. Исто така знам дека ги кршат моите и правата на саудиските луѓе”.
Отприлика во истиот период на исчезнувањето на Турки, со слична судбина се соочува уште еден саудиски принц – Сауд бин Саиф ал Наср. Тој е релативно незначителен во кралското семејство и редовен посетител на европски казина и скапи хотели. Но во 2014 година, Сауд почнува да објавува критички настроени твитови кон саудиската монархија. Во нив повикува на кривично гонење на саудиските функционери кои го поддржале симнувањето од власт на египетскиот претседател Мохамед Морси една година порано.
Откако анонимен саудиски принц ќе напише две писма во кои ќе повика на државен удар и смена на кралот Салман од власта, Сауд е единствениот припадник на кралското семејство кој тоа јавно ќе го поддржи. Неколку дена подоцна ќе напише на Твитер: „Ги повикувам сите во земјата да ја претворат содржината на овие писма во јавен притисок!”.
Овој негов потег ќе биде сметан за рамен на предавство и веројатно е клучниот момент што ја запечатува неговата судбина. Набрзо потоа, Твитер профилот му е деактивиран.
Друг саудиски принц-дисидент, Калед бин Фархан, кој побегнал во Германија во 2013 година, верува дека Сауд бил намамен да одлета од Милано во Рим за да разговара за бизнис зделка со руско-италијанска компанија со наводна намера да отвори свои филијали на Арапскиот полуостров. Според Фархан, приватен авион на компанијата дошол по принцот Сауд. Но не слетал во Рим, туку во Ријад. Зад целата таа операција стојат саудиските разузнавачи, а принцот Сауд го снаоѓа истата судбина како и принцот Турки – подземен затвор.
Како повисок член во кралската дворска хиерархија, откако ќе му се влоши здравјето, Султан е префрлен од затвор во домашен притвор. Поради лошото здравје му било дозволено да оди да се лечи во Бостон, каде на големо изненадување на Саудијците, веднаш ќе поднесе тужба до швајцарскиот суд, обвинувајќи ги Абдулазиз бин Фахд и Салех ал Шеик дека го киднапирале во 2003-та.
Неговиот американски адвокат успева да се докачи до медицински документи од специјализираната болница „Крал Фејсал” во Ријад, каде Султан е примен на 13 јуни 2003 година. Документите покажуваат дека принцот бил поставен на системи за поддршка на дишењето додека бил под анестезија, а едната страна на дијафрагмата му била парализирана. Адвокатот претпоставува дека тоа е резултат од тепање.
Тоа ќе биде првиот случај кога еден висок член на саудиското кралско семејство поведува тужба против друг член на кралското семејство, и тоа во западен суд. Адвокатот, сепак, истакнува дека швајцарските власти не пројавиле посебен интерес кон случајот. „Ништо не беше направено за да се провери што се случило на аеродромот“, вели тој. „Кои беа пилотите? Кои биле плановите на летање кога овие авиони пристигнале од Саудиска Арабија? Тоа киднапирање се случило на швајцарска територија и нормално е да се очекува властите да се заинтересираат за разоткривање на случајот и како тоа било извршено“.
Во јануари 2016 година, Султан престојува во луксузен хотел во Париз, кога, слично како Сауд, добива покана да одлета за Каиро. Таму требало да го посети татко му, исто така познат критичар на саудиската влада. Саудискиот конзулат му понудува (нему и неговиот тим од 18 луѓе, меѓу кои личен доктор и обезбедување од Европа и САД) приватен авион. И покрај претрпеното во 2003 година, ја прифаќа понудата.
Двајца од обезбедувачите подоцна ќе дадат анонимни изјави во кои го опишуваат пристигнувањето на пистата и огромниот авион со натпис „Саудиска Арабија“. Ситуацијата била тензична, бидејќи на авионот има броен екипаж, и сите се мажи. Авионот полетува и првично инструментите покажуваат дека лета на курс кон Каиро. Но по два и пол часа, мониторите се гасат.
Принцот Султан спиел, но се разбудил околу еден час пред слетувањето. Погледнал низ прозорецот и изгледал загрижен, велат двајцата поранешни членови на неговиот безбедносен тим. Кога патниците сфаќаат дека ќе слетаат во Саудиска Арабија, Султан почнува да удира со тупаници по вратата од пилотскиот кокпит и да бара помош. Членовите на екипажот го предупредуваат тимот на принцот да остане на своите места.
„Гледавме низ прозорецот и видовме многу луѓе со оружје обесено на градите како го опколуваат авионот“, раскажува едниот обезбедувач. Војниците и екипажот потоа го извлекуваат Султан од авионот, а за целото време тој вреска по својот тим да ја контактира американската амбасада.
Принцот и неговиот медицински тим се одведени во вила и ставени под вооружен надзор. Другите остануваат да чекаат во авионот. Потоа се одведени во хотел, каде што поминуваат три дена без пасоши и телефони. На крајот им е дозволено да одлетаат до дестинација по нивни избор.
Пред да си заминат, еден од Саудијците, кој тимот на принцот го препознал како еден од „стјуардите“ на летот, официјално им се извинува. „Ни рече дека просто сме се нашле на погрешно место и во погрешно време. И дека жали за причинетите непријатности“, раскажува членот на обезбедувањето.
Другиот се надоврзува: „Не ми беа причинети непријатности – бев киднапиран! Бев држен против своја волја во држава што не сум избрал да ја посетам!“.
Оттогаш нема никакви вести за принцот Султан. Саудиските власти одбиваат да коментираат било што околу случајот.
Во меѓувреме, принцот Калед, кој е во егзил во Германија, се плаши дека исто така ќе биде „принуден“ да се врати во Ријад.
„Ние бевме единствените четворица членови на семејството во Европа. Го критикувавме кралското семејство и неговото владеење во Саудиска Арабија. Тројца од нас беа киднапирани, останав само јас“, вели тој.
Убеден е дека е следен на листата.
„Сигурен сум во тоа. Сигурен сум многу одамна. Да можеа, веќе ќе го направеа. Но многу сум внимателен. Тоа е цената на мојата слобода“.