Ројтерс: Кирил Шамалов се ожени со ќерката на Путин и стана милијардер!
Човекот кој се оженил со помладата ќерка на Путин, Кирил Шамалов, во пакет со бракот добил и пристап до кредит во висина од дури 1,3 милијарди долари, пренесува српски „Б92“. Венчавката, за која биле потрошени многу пари, се одржала во 2013 година во ски-центар недалеку од Санкт Петербург, а сите посетители морале да се обврзат и на дискреција која вклучувала оставање на телефоните при влегувањето на свеченоста.
Иако венчавката била одржана во тајност и со висок степен на обезбедување, „Ројтерс“ со подоцнежните истраги сепак дошол до информации поврзани со деталите од венчавката на ќерката на Путин и идниот милијардер.
Година и пол по венчавката, Кирил ја напуштил професијата како менаџер и основал компанија за лични инвестиции. Стекнал и голем удел во главната руска петрохемиска компанија „Сибур“, чија вредност денес се проценува на 2,85 милијарди долари. Секако, веднаш се поставило прашањето како една толку млада личност, која има само 31 година, може да напредува толку брзо.
„Ројтерс“ тврди дека Кирил неколку месеци по свадбата започнал преговори за купување на удел во „Сибур“, за веќе една година подоцна да биде во можност да добие кредит вреден повеќе од една милијарда долари. Кредитот дошол од банката на чие чело се наоѓа долгогодишен соработник на Путин, но и банката во која братот на Кирил се наоѓа на многу висока позиција.
Исто како и венчавката, така и купувањето на мнозински удел во „Сибур“ поминало далеку од очите на јавноста. Ова е уште еден во низата сомнежи дека луѓето блиски на Путин ги држат добрите места во клучни претпријатија, и дека таквите можности сега се пружени и на новите генерации, односо дека станува збор за практикување на политички елитизам.
Владимир Милов, поранешен руски заменик министер за енергетика и моментален опозициски активист, потврдил дека блиските луѓе до Путин имотот го стекнале со помош на кредиторите поврзани со државата, како „Газпромбанк“.
– Случајот е исклучително нетранспарентен, па тешко е да се зборува за спецификација на договорите. Но, станува збор за луѓе кои „Газпромбанк“ ја сметаат за сопствена џебна банка – рекол Милов.
Кирил Шамалов со својата тајна венчавка добил пристап до ексклузивните права на елитата која Путин ја држи околу себе, смета „Ројтерс“ кој своето мислење го поддржува со информациите од неколку анонимни извори запознаени со тематиката. Од нивните усти, оваа мистична свадба е опишана како игра на богатите и блиски елити заштитени од погледите на обичните Руси. Во страв од откази, не откриле премногу детали, но „Ројтерс“ прецизно ги анализирал сите податоци до кои можел да дојде.
Портпаролката на рускиот претседател рекла дека неговата ќерка нема никакви врски со финансиските афери.