Путин: Западот сака слаба Русија, сè започна во Југославија
Противењето на Западот за силна Русија започнало со бомбардирањето на Југославија, рекол претседателот на Русија, Владимир Путин, на Медиа форумот кој се одржува во Санкт Петербург.
Коментирајќи ја појавата на аферата “Panama Papers” во која, меѓу другото, стои дека и блиски пријатели на Путин переле повеќе милијарди долари, Путин рекол дека “моќна Русија на многумина не им се допаѓа”. Тој додал дека “Русија им се допаѓала на сите во 90-тите години, кога молела за помош, а сега западните партнери ги иритира самостојниот став на Москва”.
“Тоа почна во врска со Југославија, кога западните медиуми го нападнаа тогашниот претседател на Русија, Борис Јелцин, кој се спротивстави на бомбардирањето на Белград. Тоа се потврди и во случајот со Украина, односно желбата на народот на Крим да се соедини со Русија. Тука има и помали случаи, како што е аферата Сноуден. Сето тоа ги иритира нашите партнери, кои се навикнати на монопол во меѓународните односи и не сакаат своите потези да ги разгледуваат со никого. Меѓутоа, последните случувања во Сирија покажаа дека Русија не само што е во состојба да решава проблеми, туку и дека може да работи и далеку од своите граници”, рекол рускиот претседател.
Тој додал и дека “противниците на Русија најмногу ги плаши единството на мултинационалниот руски народ”.
“Во врска со тоа, постојат обиди за предизвикување на внатрешни потреси, за Русија да биде ослабена. Наједноставен метод е да се внесе недоверба кон органите на власта. Тоа е случајот и со “Панамските документи””, рекол Путин.
Путин додал дека во споменатата афера нема елементи на корупција.
“Нашите противници пред сè размислуваат за единството и консолидацијата на руската нација, на нашиот мултинационален руски народ. Тие се обидуваат да не потресат од темел, да бидеме послушни”, рекол Путин и додал дека со таа цел е “креиран информативен производ”.
Путин додал дека во тој материјал е “споменат и пријател на претседателот на Русија” и дека “тука можеби постои елемент на корупција”. Лицето на кое мислел е виолончелистот Сергеј Ролдугин.
“Но, тука нема елементи на корупција”, рекол рускиот претседател.