ЖивотЗдравјеИзбор на уредникот

Пронајдете ја причината за болката во грбот – погледнете ги ѓоновите на чевлите

Ако ве боли грбот, погледнете ги ѓоновите на чевлите. Коренот на проблемот може да биде во вашиот начин на одење, што ги уништува чевлите и предизвикува болка во долниот дел на грбот.

Проблемите со грбот потекнуваат претежно од неправилно одење и стоење, а како доказ за тоа може да видите како изгледаат ѓоновите на чевлите. Вашите стари чевли се најдобар сведок бидејќи тие го отсликуваат вашиот стил на одење.

Неправилното одење како причина за болка во грбот

Болките во долниот дел на грбот често се резултат на неправилно одење. Ако колковите и грбот ви се свиткани при одење или задникот ви е испакнат наназад, треба да знаете дека не одите правилно. Исто така, ако поминувате многу време седејќи во текот на денот, не е ни чудо што вашето тело е наведнато нанапред. Сето тоа дополнително го оптоварува грбот.

Најважно е да го држите грбот исправен, да ги опуштите рамената и да ја држите главата високо. Правилното одење значи дека рацете треба да ви се свиткани во лактите и да се движат во ист ритам како нозете. Важно е прво да ја спуштите петицата на земја, а потоа и остатокот од стапалото. На тој начин се стимулира работата на мускулите и стегањето на вените, а тоа ја подобрува циркулацијата.

Исто така, не гледајте во земјата. Гледајте неколку метри пред вас за да не ви се свиткаат вратот и грбот. Потрудете се да го задржите стомакот затегнат, со цел да му дава поткрепа на ‘рбетот. Не правете долги чекори. Оптимални чекори се оние што овозможуваат синхронизирана работа на нозете и рацете.

Несоодветните обувки како причина за неправилно одење

Илјадници луѓе живеат со болки во грбот, а најновите истражувања покажуваат дека на многумина од нив може да им се помогне многу лесно. Неправилното одење најчесто е последица на проблеми со стапалата поради несоодветни обувки. Несоодветните обувки ја блокираат природната подвижност на стапалата и дополнително го оптпваруваат грбот создавајќи напнатост во мускулите на грбот. Знаците може да бидат скриени толку многу што е многу тешко да се заклучи дека станува збор за неправилно одење и несоодветни обувки.

Ако чувствувате болка од едната страна на грбот, едното рамо ви е малку спуштено, а старите чевли покажуваат нерамномерна истрошеност на ѓоновите, речиси е сигурно дека проблемот лежи во неправилното одење.

Ортопедски влошки

Значително намалување на болката во грбот е забележано кај 80% од луѓето кога започнале да користат ортопедски влошки. Тоа е повеќе од двојно поуспешен третман од традиционалните методи, како што се физикална терапија или разни лекови. Дури и по 14 месеци, луѓето кои користеле ортопедски влошки не чувствувале никаква болка, а кај 70% од луѓето третирани со традиционални терапии, болката се вратила.

Ако болката трае три недели, користете влошки за чевли што може да се добијат без рецепт на лекар. Ако тоа не помогне, треба да одите кај ортопед да ви препише влошки обликувани за вашите стапала. Поправањето на одењето со ортопедски влошки за чевли може да го реши тој проблем засекогаш.

За да се избегнат проблемите, ортопедите советуваат да избегнувате високи потпетици и многу тенки ѓонови. Обидете се да носите чевли со заоблен преден дел и потпетици пониски од 3,5 сантиметри.

Проверете ги чевлите и поставете дијагноза

  • Од нормално одење, ѓоновите се трошат рамномерно, а одењето не создава болка во грбот.
  • Болниот палец на ногата може да биде причина што ја вртите ногата нанадвор, што предизвикува непријатност.
  • Ако одите со широки стапала како Чарли Чаплин, ќе почувствувате болка во грбот, а чевлите ќе бидат излижани под прстите и потпетиците.
  • Рамните стапала најмногу ја оптоваруваат и ја трошат средината на ѓоновите, предизвикувајќи болка во колената, колковите и грбот.
  • Подгрбавеното одење го извртува стапалото нанадвор, ги троши надворешните рабови на ѓоновите и предизвикува болка во колената и грбот.
  • Луѓето со „Х“ нозе го извртуваат стапалото навнатре, ги трошат внатрешните рабови на ѓоновите и имаат болки во грбот.

Поврзани вести

Back to top button