Приведен полицаец од Кочани кој продавал дрога
Полицаец од Кочани дилал дрога. Колегите го фатиле на дело кога по трет пат се обидувал да му продаде марихуана на свој сограѓанин. Марихуаната што ја набавил од непознато лице му донесе ќар од 11.000 денари и 30 дневен притвор.
„При претресот кај пријавениот е најдена поголема сума на пари, а марихуната што е предмет на купопродажба е одземена од И. Р.“ – изјави Гордана Панајотова, портпарол на СВР Штип.
Од почетокот на годината ова е четврта кривична пријава против полициски службеник од подрачјето на СВР Штип. Статистиката на МВР вели дека и на државно ниво полициските службеници најмногу се сомничат за злоупотреба на службената положба, примање поткуп и фалсификување документи. Од МВР велат дека од почетокот на годината утврдиле неправилности во работењето и повеле постапки против 78 свои вработени ,а 46 добиле мерка укажување. До завршувањето на постапката од работа се суспендирани четири полициски службеници.