Порака од „огнените“ не се оди напред, бркајќи ги своите ангели и доведувајќи ѓаволи од надвор
ДУИ партија која над 20 година цврсто стои на македонската политичка сцена. Речиси исто толку време заедно со СДСМ, или со ВМРО-ДПМНЕ владее со државата. Поради ова партијата барем до сега важеше за цврст политички субјект која го има главниот збор за секое политичко прашање, а доколку го нема тогаш мора да биде прашана. Но и во ваквата цврста ДУИ се појавија пукнатини.
Лидерот односно Али Ахмети и понатаму е неприкосновен, но партијата се повеќе се дели на два табора. На чело на едниот е вицепремиерот Артан Груби а во другиот се „огнените“ предводени од Муса Џафери, Изет Меџити, Невзат Бејта, Блерим Беџети, Висар Ганиу…
Токму овие вчера од САРАј на митинг пред две илјади лица упатија премногу остри пораки до Артан Груби и „Артанците“, како што ги нарекоа неговите приврзаници.
Потпретседателот на ДУИ и пратеник во Собранието Изет Меџити, упати апел до Груби да не помисли дека со разрешување на некои функционери ќе ги ослабне нивните позиции бидејќи тие се моќни и без функции и веќе 20 години придонесуваат во ДУИ.
– Артан Груби и другите Артанци да си поднесат оставки пред народот кој никогаш не ги гласал. Со измама стана пратеник во 2016 година, кога мнозинството гласови беа на Сарај, со измама влезе во Владата во 2020 година, без никаков глас од граѓаните и без одобрение на претседателството. Артан Груби, освен што ја ослабнува ДУИ, секојдневно го ослабнува и Али Ахмети опкружувајќи го со Мендух Тачи, Арбен Таравари и многу други. На ДУИ ѝ требаат реформи, а реформите треба да почнат со оставка на Артан Груби и неспособните министри“, рече Меџити.
„Огнените“ му упатија порака и до лидерот на партијата Ахмети да внимава со кого е опкружен.
– Не се оди напред, бркајќи ги своите ангели и доведувајќи ѓаволи од надвор, му порачаа синоќа од Сарај „Огнените“.
Од своја стран пак Груби пред неколку дена ќе изјави дека уште кога станал прв вицепремиер напишал текст на оставка и му го предал на лидерот на ДУИ Али Ахмети. Според него на некој му пречи зајакнување на албанскиот фактор во Скопје.
– И јас и Бујар Османи, ако Али Ахмети ни каже да си одиме дома, нема гајле. Јас му ја испратив оставката уште од првиот ден кога станав функционер, неговиот збор е последен збор за мене, им порача Груби на жителите на Чаир.
Според Груби, Али Ахмети дал се од себе за Чаир.
– Ахмети даде се од себе за Чаир и сиот свој политички капитал го вложи во Чаир. Можеше да го испрати „Скендербег“ во Тетово, многу полесно ќе беше Универзитетот „Мајка Тереза“ да го однесе во Кичево, но неговата политика беше да ги зајакне Албанците од Скопје и да ја врати политиката во Скопје, а тоа ви пречи, рече меѓудругото Груби.
Неприкосновениот лидер на ДУИ Али Ахмети за „огнената група“ пред некоја недела ќе изјави дека имаат погрешен пристап кога се обидуваат да го претстават како диктатор, спомнувајќи го Ким Џонг- Ун, лидерот на Северна Кореја.
– Не, никој досега не е исклучен од ДУИ. Тоа се мои пријатели, мои соработници, имаат многу погрешен пристап, анализите што ги прават, значи јас сум Ким Џонг-Ун како се вика овој Севернокореец. ДУИ е, мислам, една од најдемократските партии, најотворената на овие простори и ќе работиме уште понапорно да бидеме максимално транспарентни, така што ова нема врска со диктатура , изјави Ахмети.
Како ќе заврши оваа внатрепартиска битка на двата табори во ДУИ на која не и се гледа крајот засега е непознато. Непознато е и уште колку ваквата сега веќе раскарана и поделена ДУИ ќе успева повеќе или помалку да управува со македонската држава благодарение на попустливоста и пазарењето на македонските партии.