По(а)рно сексуално образование
Формално, мојата генерација е сексуално необразована. Самоуки сме. Па, сепак се оженивме и добивме деца. Нашите внуци ќе бидат сексуално образовани. Да видиме ќе бидат ли посреќни. Моето мислење е: во овој морално болен свет, кој ја брише границата меѓу природното и неприродното, да му дадеш на своето дете од најмали нозе погрешно, општествено организирано сексуално образование, пред да му дадеш стабилно емотивно и духовно образование, значи да му дозволиш да седне на буре барут и да запали томпус. Точно е дека веќе не смее порно-сајтовите да бидат единствениот сексуален „даскал“ и „воспитувач“ на младите. Во потрошувачкото општество, порнографијата го сведува сексот на стока и услужна дејност. Но не се плашам јас за порнографијата. Таа, со она што се продава преку разни НВО кај нас како светски образовен хит, „сеопфатно сексуално образование“ (Comprehensive Sexuality Education), сигурно нема да биде непријател. Зошто мислам така? Според мое мислење, две нешта не можат да бидат предмет на наука, па според тоа и на образование: верата и љубовта. Ако до Бога се доаѓа само со срце, а не со разум, тогаш не може да има „наука за Бога“. Ако до љубениот/љубената се доаѓа само со срце (а не со разум), не може да има ни наука за љубовта. Може да има само поуки. И сексологијата премолчено признава дека не е наука за љубовта: најчесто се сведува на она што Хелените го викаа ТЕХНЕ („занает“ во уметноста), а моите сфаќања за љубовта не подразбираат таа да се сведе на техника на сексуално комуницирање.
Но што дрдорам јас за љубовта? Каква врска имаат љубовта и сексот по експлозијата на порнографијата? ПРИРОДНО е тие две нешта да се поврзани, а денес се НЕПРИРОДНО („општествено“) разделени. Телесната љубов треба да е продолжение на душата. Тоа што денес таа „доби независност“ од душата е само знак на општествена индустрија на страсти: фала му на капитализмот! Разликата меѓу љубовта и страста, но и нивната поврзаност се опишувани со векови. Накратко, и за оваа пригода само метафорично: страста е слама што пламнува, љубовта е дрво што држи жар.
Најдобро горат заедно. Но љубовта не може да се предизвика однадвор, туку се раѓа внатре, како изворно чувство во човекот. Напротив, страста се предизвикува однадвор. Пример: крај кафуле во кое седат сто момчиња, поминува провокативно (с)облечена девојка. Сигурно е дека кај повеќето ќе предизвика страст. Но само едно (ако воопшто и едно) момче ќе почувствува и внатрешна „афилијација“ кон неа, таква што би постоела и кога девојката би била облечена до носот. Нема да се вљубат сите. Но денес се зборува за СЕОПФАТНО СЕКСУАЛНО образование, а не за ЉУБОВНО образование. (Каква нескромност – која наука е сеопфатна, кога тоа не е ни астрофизиката?) Тоа образование, како што тврди еден сајт, е сеопфатно зашто ги опфаќа „сите културолошки, психосоцијални и емоционални аспекти на сексуалноста односно ЗАДОВОЛСТВОТО и сексуалната различност како основа за една здрава и толерантна млада личност“. За ССО „сите аспекти“ се културолошките, психосоцијалните и емотивните. Супер: а каде се духовните? Љубовта не е само емотивна, психосоцијална, а најмалку културолошка појава. Таа е интима на духот, не на телото, општеството и културата. Затоа, ССО сепак ќе развива страсти: ќе се занимаваат со сексот издвоен од љубовта. Јасно велат: ќе се занимаваат со „задоволството“. Но такво задоволство издвоено од љубовта може да обезбеди и порнографијата, како и честото менување непознати партнери.
За издвојувањето на сексуалното „задоволство“ од љубовта, како причина за пропаст на цивилизациите се говори од британскиот антрополог Џозеф Анвин („Сексот и културата“, 1934) наваму. Неговото истражување, од кое тој очекуваше да ги потврди фројдистичките тези за пропаст на културите поради сексуално воздржување (што раѓа фрустрации), го покажа спротивното: сексолибералните култури пропаѓаат во рок од три генерации, моногамните опстануваат. Оваа студија ја коментираше и Алдос Хаксли во својата „Етика“ од 1946-та. До денес се води полемика за и против незауздениот секс. Многумина поумни пред мене укажувале дека расцепувањето на еротското и извлекувањето на страста од љубовта (така децата јадат торта – само шлагот) е знак на празен културен „есенцијализам“, кој води кон пропаст на семејството и културите. Арнолд Тоjнби тврдеше дека 19 од 24 важни цивилизации пропаднале морално и однатре, а не воено и однадвор, токму поради „издвоениот шлаг“.
Трето: ова образование „ги информира младите за постоењето на различни сексуални ориентации“. Па што ново прави ССО по однос на порнографијата? Секој порно-сајт денес ви покажува најразлични сексуални ориентации: двајца мажи, две девојки, тројки, групен секс, секс со малолетнички, дури и секс со животни. Цела палета „диверзитети“ и „поинакви ориентации“. Кога на училиште ќе му ги покажат, моето дете може да праша: ако се ова ориентации, кои се „дезориентациите“? Затоа, би им советувал на оние што вадат добар леб од продавање ССО, да не го користат поимот „сексуална ориентација“, зашто тој имплицира и поим „дезориентација“. Нека кажат „сексуална определба“. И конечно: тие поинакви определби требало да му се доближат на младиот човек, за тој да стане „толерантна“ и „здрава“ личност. Значи, нездрав е оној што не ги толерира СИТЕ постојни „разлики“. Но иако неуки, и јас и моето дете треба да знаеме до која граница да толерираме? Педофилијата уште не е легализирана, за сексот со животни не знам. Затоа, сепак ми се чини дека ССО се користи, преку грбот на децата, да се реши проблемот со општественото прифаќање (па дури и ВИП-вреднување) на хомосексуалноста. Но тоа е дел од една СОЦИОЛОГИЈА на сексуалноста. Тоа не е баш наука за основци, како и културологијата на сексот.
Затоа, блиско ми е здружението за човекови права „Од нас за нас“, кое има критички став кон внесувањето на трансродовите идеологии во образованието. Така и јас, наместо сексуално образование, предлагам предмет Уметност на љубовта (и тоа за тинејџери). Почетна лектира: „Ана Каренина“, „Госпоѓа Бовари“, „Песна над песните“ и „За љубовта“ на Хозе Ортега И Гасет, кој тврди дека еротското денес станало јавно наместо интимно и дека е производ, а не љубов. Треба децата да научат прво што е љубов. Па, дури и за „граничните“ ероси има одлични книжевни, а не порно-примери: „Лолита“ на Набоков или „Смрт во Венеција“ на Ман. Да ги научиме младите дека сексот е круна на љубовта, а не нејзин почеток. Како што сликарот најпрвин го има делото на еден нематеријален начин во душата, а дури потоа го изразува „телесно“ со бои и допири на платното, така и љубовникот што допира тело прво мора да има љубов во душата. Инаку, сексот ќе си остане гола семиотика, обележување на туѓо тело како своја територија. А тоа е политички, а не еротски идеал.
Но, како што тргнала работава, на децата повеќе од сексуално ќе им треба сеопфатно психијатриско, превентивно образование. Мегаскандалот со педофилот Мирослав Мика Алексиќ, режисер и сопственик на најугледната актерска школа за деца во Белград, покажува: десетици малолетни девојки низ годиниве биле силувани, а признаваат сега. Изгледа ќе треба да ги учиме децата да препознаваат манијаци. Кои се одлично сексуално образовани околу различностите, ама задоволството им е на прво место. Поважно и од етиката и од малолетничката траума и од оние илјадници невработени млади со дипломи што во гнили држави бараат сеопфатен леб, а не сеопфатно сексуално задоволство.