Живот

Писмо на мајка на аутистично дете до соседот: Драг мој соседу, него три ноќи го болеше забот, а јас не знаев

Мајката на дете со аутизам, Дуња Тадиќ од Загреб му напишала писмо на безмилосниот сосед кој нејзе и на нејзиниот син Игор неколку пати им повикал полиција. Го објавила јавно на својотпрофил на Фејсбук.

Нејзиниот статус ви го пренесуваме во целост.

„Соседу, пукаш во цивил!

Добар ден соседу што живееш под нас. Како си ти денес? Ние сме добро, ти благодарам на прашањето кое никогаш не си го поставил. Јас барем мислам дека сме добро, знаеш зошто? Затоа што Игор ако не е добро тој не знае да каже. Не знае ни да покаже.

Замисли, ти тоа сигурно не го знаеш, аутизмот не зборува.

Замисли, еднаш не спиеше три ноќи. Плачеше, се вртеше во кревет, можеби и „завиваше“, како што велиш ти, се фрлаше на подот. Знаеш драг соседу, и мене ме изнервира. Си мислам дека е безобразен, разгален, немирен. Знаеш дека едвај се воздржав барем малку да не го удрам по задникот.
Третото утро стана со отечена десна страна. Драг мој соседу, него три ноќи го болеше забот. Лудачки. А јас не знаев. Бидејќи тој не знае да каже. Ниту да покаже. А ти нам, можеби токму таа вечер ни повика полиција.

Полицијата не може да му го извади забот, благодарам ако си мислеше да ни помогнеш. А не може ниту итната помош. Бидејќи, соседу, за на дете со аутизам да му се изваде заб треба општа анестезија. А за тоа се чека на ред. Шест месеци. Замисли твојот син да го боли забот шест месеци? Не можеш да замислиш, знам. Не можеш да замислиш ниту операција на нозете и гипсови на двете нозе истовремено два месеци. Па чеша под гипсот, па боли, па не можеш да се наместиш, не можеш да спиеш. Два месеци. А не знаеш ниту да кажеш дека те чеша. Ние не мора да замислиме, ние тоа го поминавме. Два долги месеци, ноќи и денови – цели 60. Малку плачевме, малку „завивавме“ како што велиш ти, но и многу се смеевме. Бидејќи ние сме такви. Се смееме и тогаш кога ни е тешко.

Добро, некогаш и „завиваме“. Заедно. Ваууу, ваууу. Можеби баш во текот на некоја од тие ноќи ти ни испрати полиција на врата. Поради врева. Врева која не е музика, иако постојано ја слушаме, но тивко, бидејќи така ја сакаме. Верва која не е удирање по шницла, бидејќи Игор некако повеќе сака варено. Врева која не е поради разиграност на две здрави деца кои играат кошарка во станот. Или кога се бркаат еден со друг бидејќи се разиграни. И бидејќи се деца. Ти викаш полиција поради вревата која се вика аутизам. Тоа „завивање“ како што ти го нарекуваш со презир на лицето, е начин на кој Игор покажува дека нешто не му се допаѓа. На пример ти, кога ќе дојдеш во нашиот дом да ни кажеш да го обложиме целиот стан со изолација бидејќи твојот син се плаши од „завивањето“ кое ти не знаеш како да му го објасниш. Се шегувам дека не му се допаѓаш на Игор.
Нему сите му се допаѓаат. Тој тебе, драг соседу, и денес да те сретне би ти дал рака, би те бакнал. Таков е тој. Ја има таа некоја душа која ретко другите ја имаат. Го има тоа големо срце, какво што ти не си видел 100 отсто. И знаеш, тој е едно среќно дете. И тој е заигран на тој свој „аутистичен“ начин, па ете некогаш малку повеќе се затрчува во станот, некогаш нешто му паѓа, бидејќи не сум ти кажала, има и малку тремор. Понекогаш рацете му треперат. Но, тоа е од лековите. Не е од аутизмот. Од лековите за епилепсија, ако те интересира. И тоа понекогаш, кога така ќе потрча, јас секој пат, секој пат драг соседу му велам: „Немој љубов моја, убаво оди, немој да удираш со нозете“. Затоа што драг соседу, не сме ние дивјаци ниту сме невоспитани ако имаме аутизам – нема врска едното со другото. Живееме во станот 10 години и досега никој сосед не ни ѕвонел поради врева.

Никој не ни повикал полиција. Еве сега ти првпат. И втор. Ќе има и трет, го знам тоа. Би ти се обратила лично, но верувај дека не можам. Не можам, бидејќи се уште не сум сретнала, еве за овие 18 години, колку што ги има Игор, личност која со толкав презир го гледа мојот син. Не можам да те погледнам. Не можам да ти се обратам. Извини, но ми се гади од тебе. Сакав само да кажам генерале, пардон соседу, дека пукаш во цивил. Пукаш во ангел со скршени крилја.Ние ќе продолжиме со својот живот како и досега. Ќе ја слушаш таа „врева“, тие, рака на срце, цели 20 минути врева. Знаеш зошто? Бидејќи Игор има право на тоа.

Не само правото кое му го дава аутизмот, туку правото на секој човек да се изрази, да покаже емоција на начин на кој знае и може. А ти секој пат викај полиција. Момчињата се тотално „кул“. Два пати не разбудија бидејќи дојдоа час и половина  откако од нашиот стан се слушнала последната „врева“ што сме ја произвеле. А знаеш што направи Игор? Онака сонлив, сладок како мед, топол од сонот и креветот, дојде на врата иим даде бакнеж. Ти велам, ваква душа и срце ти се`уште не си видел во животот!

А сега повикај полиција, соседу.

извор: Мајка и дете

Поврзани вести

Back to top button