Македонија

Oтварање на нови 1.500 работни места

Над 1.500 работни места треба да бидат отворени со договорите со осум компании што Владата очекува да ги потпише до средината на јануари. Две се македонски и се првите вакви компании кои ќе инвестираат во технолошко индустриските развојни зони.

За домашните компании, според премиерот Никола Груевски, важат истите услови што им се нудат и на странски компании.

– Првата македонска компанија која ќе инвестира во ТИРЗ Бунарџик нема никаков странски капитал и ќе произведува автомобилски делови. Во фабриката која ќе ја градат ќе се отворат 200 работни места. Втората, исто така македонска компанија ќе произведува делови за електроника и ќе вработи 300 лица, од кои 100 во првата година, рече Груевски во интервју з аТВ Сител.

До 15 јануари, посочи, следуваат уште неколку, странски компании. Следната странска компанија е од Калифорнија и се занимава со производство на софтвер, инвестицијата е околу 13,5 милиони евра и ќе отвори нови 250 работни места. Следуваат две германски компании, едната за изработка на лед светилки која ќе вработи 200 лица, а втората од областа на автомобилската индустрија ќе инвестира во Прилеп и ќе отвори 150 работни места, информира Груевски и додаде дека во битолско Кравари ќе се отвори фарбрика за чипс со 100 ваботувања, инвестиција на Македонец повратник од Австралија.

Завршени се, соопшти премиерот, преговорите и со турска компанија која ќе отвори 250 работни места во Битола, а потпишување на договор до 15-ти јануари се предвидува и со германска компанија од машинската индустрија, која планира да отвори фабрика за машински делови, електро мотори, ЦМЦ машини и центар за истражување и развој.

Со законите што ја усвоила Владата на последната седница, како што информира Груевски, ќе се основаат ИТ зони во рамки на технолошко индустриските развојни зони, но одвоени со посебна ограда, регулатива и со посебни проекти што ќе бидат направени.

– Веќе имаме интерес за ИТ зоните и веќе подготвуваме одредени чекори и проекти за развој на овие ИТ зони. Значи досега кај нас се развиени ТИРЗ каде што одат овие фабрики, се овозможи и формирање туристички развојни зони, законскиот дел е завршен, сега работиме на привлекување на некој што би изградил хотели и пошироки хотелски комплекси во тие туристички зони, а сега ја носиме законската регулатива за слободни здравствени зони и слободни ИТ зони, наведува Груевски.

Со усвоениот закон за слободни здравствени зони, пак, се предвидува изградба на болници од инвеститори коишто сакаат главно да се занимаваат со здравствен туризам, да носат лица кои имаат потреба од здравствен третман од други држави во Македонија и да развијат големи медицински центри. – Тие ќе можат и домашни пациенти да примаат, но под псоебни услови за да не доведат во прашање приватните болници во Македонија што се надвор од зоната. Така што со добро избалансирани услови ќе се стимулира носење на болници во овие зони коишто би стимулирале во иднина здравствен туризам. Тоа не е нешто непознато, го има во многу земји. Здравствените услуги во многу од западни држави се многукратно повисоки отколку во Македонија. Некаде десетпати повисоки, некаде 20 пати повисоки, а не се некои сложени операции или нешто што, на пример само во тие најнапредни држави може да се направи, истиот третман може да се даде и во Македонија, информира премиерот Груевски.

Поврзани вести

Back to top button