Религија

Откриен „заговор за труење“ на патријархот на Грузиската православна црква

Полицијата во Грузија соопшти дека е уапсен еден свештеник на Грузиската православна црква, осомничен за правење „заговор за труење“ на врвна личност на црквата.

Во соопштението се вели дека во куферот на уапсениот отец Гиорги Мамаладѕе бил откриен цијанид.

Осомничениот бил уапсен на аеродромот во главниот град Тбилиси, во момент додека свештеникот се подготвувал да отпатува за Германија.

Поглаварот на грузиската црква, патријархот Илија Трети, се наоѓа на лекување во една германска болница, па властите во Грузија се сомневаат дека тој бил цел на заговорт за негово убиство.

Грузискиот премиер Гиорги Квинкашвили изјави за домашните медиуми дека била спречена „голема катастрофа“.

Уапсениот свештеник раководел со одделот за имотите на грузиската црква, а бил и директор на еден медицински центар во Грузија.

При претресот на неговиот дом било најдено и оружје, а полицијата имала сознанија дека тој барал и набавил цијанид. Не е откриен идентитетот на човекот што му го дал отровот на отец Мамаладѕе, освен дека тој ја известил полицијата за заговорот.

Патријархот Илија (84) е поглавар на црквата уште од 1977 година, од времето кога оваа поткавкаска држава беше дел од Советскиот Сојуз.
Повеќе од 80 отсто од вкупно 4,5 милиони Грузијци се православни христијани.

Поврзани вести

Back to top button