Отец Партениј од Бигорскиот манастир: Бракот меѓу маж и жена е завет пред Бога, без здравиот брак нема нормално општество
Галичник. Срцето на Бистра планина! Непресушна духовна и културна река, од чијшто извор се напојувал не само целиот мијачки предел, туку и пошироко; село сместено среде една симфонија на бои, кои час пленат со својата смиреност, час со својата колоритна разиграност и нескротлив темперамент; дух којшто никогаш не умира, оти секогаш се излева во срцата на од него вдахновените постари и понови наши дејци; селиште, кое не само што опстојало, туку и непрекинато произведувало нови сили – дури и во најтешките мигови од неговото постоење, зашто секогаш стоело гордо исправено пред туѓата наезда, грижливо негувајќи ги најважните христијански добродетели: верата, надежта и љубовта. Токму затоа галичани биле посебни: расудливи, силни, мудри, културни двигатели.
Затоа, можеби, нашиот Старец, Архимандрит Партениј, толку многу го љуби Галичник. Тој за него не е само село издигнато на врв планина, туку место кое е духовно сродено со родољубивата историја на Бигорската Обител. Од Галичник произлегле многу значајни личности, чиишто срца биеле напојувани од крвотокот на Бигорската Светиња. Доволно е само да се споменат, меѓу другите, личностите на познатиот Бигорски игумен Арсениј и Митрополитот Партениј, кои богомудро и горешто се труделе во зачувувањето и напредокот на славјанската духовност, писменост и култура, во време кога тоа било нешто рамно на мачеништво. Нивните имиња се трајно вградени во битот на нашиот народ, а нивните дела се потсетник дека може да се истрае, дури и тогаш кога ниту една околност тоа не го ветува, и тоа поради верата, надежта и љубовта – тројцата најсилни чувари на идентитетот на православните галичани.
Таков е духот на размислувањето што нашиот Старец го сподели со присутните на вчерашната Божествена Литургија, отслужена заедно со дебарскиот свештеник о. Миле Ангелоски, во храмот посветен на Светите Апостоли Петар и Павле, во шестата недела по Педесетница:
„Чувме, возљубени, од денешното апостолското четиво, како Апостолот Павле, меѓу другото, ги поучувал Римјаните: Љубовта нека не биде лицемерна; отстранувајте се од злото, прилепувајте се кон доброто; еден спрема друг бидете љубезни со братска љубов: натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг. Во усрдноста да не сте мрзливи; духот да ви биде пламенен; служете Му на Господа (Рим. 12,9-11). Едноставни, но толку длабоки по значење зборови! Преку нив Апостолот и нам денес нѐ поучува: на Христијаните им приличи да се натпреваруваат еден со друг само во доброто, со пламена вера и пожртвуваност, во слава Божја.
Евангелието, пак, кое штотуку го прочитавме, ни раскажува за чудото што Христос го направил во градот Капернаум – имено, како исцелил еден фатен човек, кој долги години лежел неподвижен во постела. Евангелистот Марко ни соопштува малку повеќе подробности за овој настан, односно ни кажува дека постелата на фатениот ја носеле четворица: И дојдоа при Него со еден фатен, кого го носеа четворица; па, како не можеа да се приближат до Него од народот, откако го открија и го пробија покривот од куќата, каде што беше Он, ја спуштија постелката, на која лежеше фатениот (Марко 3,4). Можете да претпоставите колкаво мноштво народ се собирало околу Христа секогаш кога Он проповедал. Ете, куќата во којашто Он се наоѓал била преисполнета со луѓе што го слушале Неговото Божествено слово. Било невозможно, со одар на кој лежел фатен човек, да се помине низ насобраниот народ и да се дојде до скапоцениот Учител и Исцелител. Меѓутоа, што направиле четворицата носачи? Движени од силна вера, надеж и љубов, тие со голем труд се пробиле низ луѓето, се качиле над куќата, го отвориле кровот и го спуштиле страдалникот точно пред Христа. Кој не би се восхитил и не би ги пофалил верата, подвигот, пожртвуваноста, љубовта на овие пријатели на фатениот човек! Колку повеќе, пак, бил трогнат Самиот Христос од тоа добро дело! Затоа и веднаш го излекувал фатениот, велејќи му: Не плаши се чедо! Ти се простуваат гревовите твои! (Матеј, 9,2) Му рекол не плаши се, оти тој несомнено бил многу исплашен: неговите другари го донеле пред големиот Учител преку ред, го провалиле дури и покривот и поради тоа тој очекувал само остри укори, и за себе, и за своите пријатели. Но, благиот Господ ги изговорил тие охрабрувачки и успокојувачки зборови, со кои, воедно, и го исцелил од болеста што го беше притиснала. И секогаш Христос, кога ја гледа нашата вера, нашата упорност, не нѐ прекорува, туку нѐ пресретнува со огромна љубов и снисходливост… Тогаш, кога ќе се соединат Божја љубов и сила од една страна, и човечката вера и надеж од друга, невозможното станува возможно.
Денес, мили мои, се собравме во ова прекрасно село за да Му принесеме на Бога токму таква молитва, придружена со вера, надеж и љубов. Тука сме да ги упатиме нашите надежи кон семилостивиот Бог, та Он да направи невозможното да стане возможно. Кога човек ќе го погледне овој современ свет, што така стрмоглаво цели кон ништожноста, кон бездната на апсурдот, неминовно ќе се запраша: ’Можно ли е човекот повторно да се здобие со даруваниот му од Бога и според Бога образ?‘ Навистина, доколку човекот не живее со овие три добродетели за кои денес си спомнавме – верата, надежта и љубовта – тој е лишен од Бога, како Бог за него да не постои; таквиот го брише божественото од својот образ, станува безобразен и повеќе не може да се нарече човек во вистинска смисла на зборот. Денес сме овде за да принесеме молитви со силна вера во седобриот Бог, за Он да го привлече човекот кон Себе, та тој повторно да Му се обрати како на свој Создател, да го обнови Божјиот образ во себе, враќајќи си ја првобитната убавина.
Кога си спомнувам за ова славно село, никогаш не изоставам а да не ги спомнам нашите богољубиви предци одовде, кои биле токму такви како пријателите на фатениот од денешното евангелие: секогаш пожртвувани за другиот, украсени со трите врховни христијански добродетели. Си спомнувате ли кога нашите баби и дедовци ни раскажувале за тоа кога на некого ќе му изгорела плевната или куќата во селото? Сите селани се собирале да му помогнат, за тој човек да може да започне сѐ од почеток, поткрепен од нивната љубов и пожртвуваност. Денес, за жал, многу ретко можеме да го видиме тоа. Исполнети сме со егоизам, со страшно себељубие. Зошто? Затоа што малку се трудиме за стекнување на тие три Божествени добродетели.
Навистина малкумина сме собравме сега во овој голем и прекрасен храм, но важно е нашата молитва да биде принесена со вера и надеж. Бидејќи, како што вели Самиот Спасител, сè е можно за оној што верува! (Марко 9,23).
Да сте благословени и радосни во Господа!“
Во склоп на традиционалните свадбени галички обичаи, Архимандритот Партениј го изврши и свештениот чин на светата тајна брак, упатувајќи им на младенците топли татковски поуки:
„Најпрвин сакаме да им го честитаме бракот на Бошко и Тања, а потоа да им испратиме и голем благослов, поучувајќи ги дека бракот е еден вид завет пред Бога. Еве денес Бог го утврдува заветувањето на овие млади луѓе, кои секако, уште претходно си ја изразиле љубовта. И денес нивниот завет ќе биде озаконет од Бога. Слушнавме колку убави поуки за светиот брак упатува Апостолот Павле до Христијаните. Љубовта помеѓу мажот и жената тој ја споредува со најсветите нешта во животот на човекот: со врската помеѓу Бога и Неговата Црква. Тој велиː „Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што и Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа“ (Ефес. 4,25). А како Христос ја засака својата Црква?! Он на Крстот се жртвуваше за Својата Црква, даде сѐ што имаше за Својата Црква, за да ја освети и очисти. Мажот е должен секогаш со таква љубов да ја сака својата жена – пожртвувано. На крајот, пак, од Апостолот слушнавме: „А жената да се бои од мажот свој“ (Ефес, 4,33). Често пати жените поинаку го толкуваат ова. Но, јас сакам да ви кажам, дека ова боење означува духовно почитување, духовно боење. Токму онака како што се боиме да не Му погрешиме на Бога, оти Го сакаме; така и жената треба да се бои со ништо да не го изневери, со ништо да не го нажали својот маж. Од друга страна, и мажот треба да е секогаш подготвен да се жртвува за својата жена. Таков е православниот брак! Ве молам, чеда, повеќе да се потрудите да научите за Светата Тајна брак. Денес сме собрани овде, на Галичката свадба, сите сме малку возбудени од тапаните на кои не сме секојдневно навикнати. Но, ете од утре, добро е повеќе да научите за православниот брак, да му пристапите сериозно, оти бракот е една света институција, благословена од Црквата, од Христа. Ние, уште велиме и Црква во мало, основна клетка на општеството, зашто без бракот, без здравиот брак, воопшто нема да можеме да функционираме како нормално општество“.
Извор: Бигорски манастир