Македонија

Осудените на доживотен затвор за „Монструм“ повеќе од еден месец се на слобода- Роднините на убиените во шок

Повеќе од 40 дена осудените на доживотен затвор Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се на слобода и се пуштени од косовскиот затвор, а властите во Приштина го отфрлиле и македонското барање за нивна екстрадиција. Во скопскиот кривичен суд двајцата бегалци Исмаиловиќ и Демири се осудени како директни извршители на 5-кратното убиство каја Смилковското езеро извршено на Велигден 2012-та. Роднините на убиените се шокирани од одлуката и сметаат дека има политика во одлуката за да се заштитат функционери Албанци во државата, пренесе телевизија Телма.

Македонските власти бараа екстрадиција откако двајцата пред повеќе од две и пол години беа уапсени во стан во Приштина со нелегално оружје. За тоа дело Исмаиловиќ и Демири беа осудени на 2 и пол години затвор. Според извори на Телма казната ја издржале и еден ден пред Новата година двајцата биле ослободени од косовскиот затвор. Постапката за екстрадиција не завршила, а во Македонија надлежните не добиле никакво известување дека осудените се пуштени на слобода. Во косовското Министерство за правда не даваат детали за случајот и на дописот на Телма кратко одговорија дека имаат полна соработка со македонското министерство.

Според информациите до кои дојде Телма пред два дена во Министерството за правда во Скопје стигнало известувањето дека косовските власти не дозволиле екстрадиција. Истите извори од министерството тврдат дека косовските власти и покрај гаранциите за фер судење навеле дека веруваат дека двајцата би можеле да бидат осудени на национална основа. Таква дефиниција не се употребува во правни договори, но ниту експертите кои ги консултираше Телма не можеа да кажат дали во македонско-косовскиот договор за екстрадиција- националноста е наведена како можна пречка за испорачување на криминалци.

Од друга страна весникот Коха повикувајќи се на свои извори објави дека екстрадицијата била одбиена поради тоа што косовските власти процениле дека од Македонија не добиле доволно цврсти докази за кривичните дела за кои двајцата се гонат.

Исмаиловиќ и Демири се обвинети и осудени за дело тероризам. Нивниот адвокат од Приштина Бесник Бериша не сакаше да коментира ништо и по телефон ни тврдеше дека не добил никаква одлука од надлежниот суд во Косово. Дописот за одбиена екстрадиција во Скопје стигнал истиот ден кога во Приштина беше во посета македонскиот министер за надворешни работи Попоски кој се сретна со домаќинот Хашим Тачи. Сега решението за одбиена екстрадиција е препратено до кривичниот суд во Скопје кој ги осуди двајцата во отсуство на доживотен затвор за тероризам и учество масакрот кај Смилковци. Судската пресуда е правосилна, но бидејќи станува збор за доживотна казна, за неа мора да се произнесе и Врховниот суд на Македонија. Доколку бидат донесени во Македонија Исмаиловиќ и Демири имаат право на повторно судење. И специјалното обвинителство го разгледува случајот Монструм, откако такво барање упатија и семејствата на жртвите и семејствата на осудените.

По Исмаиловиќ и Демири е распишана меѓународна потерница, а нивните лица се уште се наоѓаат на сајтот на МВР како бегалци.

Поврзани вести

Back to top button