Оле Петрова по 10 месеци излезе од притвор: Без докази, поради дружење со погрешни луѓе завршив во затвор, имам порака до сите девојки кои го користат Инстаграм за запознавање со момчиња
По 10 месечен, како што вели самата незаконски притвор и без докази, македонската инфлунсерка Оле Петрова, која во јули минатата година беше уапсена од грчката полиција со обвинение дека учествувала во продажба на дрога на островот Миконос, е ослободена од секакво обвинение за делото со кое се поврзуваше, пренесува Курир.мк.
Во изјава за КУРИР, Петрова, која е ќерка на поранешниот градоначалник на Велес Горан Петров, вели дека со пресуда донесена на 8-ми мај годинава од грчкиот суд е ослободена од обвинувањата.
– По медиумскиот линч на македонските портали, пренесен од грчките портали во врска со моето апсење на Миконос на ден 06.07.2022 година, под обвинение за трговија со дрога како дел од организирана криминална група, ве информирам дека после 10 месечен незаконски притвор во Грчкиот затвор во Атина, на 08.05.2023 година, со пресуда на Грчкиот суд сум ОСЛОБОДЕНА од секакво обвинение за трговија со дрога, пресуда со која се потврди дека немам никакво учество во продажба на дрога на островот Миконос, вели Петрова во изјавата за КУРИР.
Таа додава дека „со изнесените лаги и клевети од страна на медиумските портали, нанесена ми е огромна штета врз мојот и угледот на моето семејство и пријатели во Македонија“. Петрова вели дека моментално се наоѓа во нејзиниот дом во Скопје.
– Со мојата фамилија и пријатели следниот период ќе го искористам во укажување како една нормална девојка од нормална фамилија може да заврши во затвор без докази и поради дружење со погрешни луѓе, како опомена за сите млади девојки кои го користат Инстаграм за запознавање со момчиња, заклучува Петрова.
Да потсетиме, во јули минатата година, тројца македонски државјани, двајца мажи на возраст од 34 и 35 години и 21-годишна девојка беа уапсени на грчкиот остров Миконос, под обвинение за трговија со дрога. Од грчката полиција тогаш соопштија дека по темелна полициска истрага, било „разбиено јадрото на мрежа на странски државјани кои систематски тргувале со дрога на Миконос“ и меѓу другото биле запленети 437 таблети екстази, 219,8 грама кокаин, 270,9 грама метамфетамин и 155,7 грама канабис.