Новинарот Хајдарпашиќ: За каква слобода на медиуми зборувате, колеги се исплашени и застрашени, не примаат плата
Новинарот на Телевизија 24, Един Хајдарпашиќ на вчерашната дебата посветена на Денот на печатот на министерот за транспаретност, Роберт Поповски и претседателот на ЗНМ, Насер Селмани им порача дека се лицемерни.
-Од која страна сте господине Насер Селмани? Вие сте од „наша“ или од „нивна“? Не ве разбирам, праша Хајдарпашиќ.
Тој го праша Селмани дали се бори за проекти на Здружението или за правата на новинарите.
-Вие сте лицемерни. На 3 мај, Ден на слободен печат да зборуваме ние за правата, за Норвешка. Господинот Поповски мислам дека има и новершко државјанство. Тоа е мојот впечаток. 300 евра плата за дел од луѓето кои што работат во медиумите, посочи Хајдарпашиќ, прашувајќи ги дали им е неудобно заради незгодните прашања кои ги поставил.
Вели дека медиумите во Македонија се во дупка.
-Колегите новинари се плашат, не примаат плата, исплашени, застрашени, зборуваме за слобода на печат, со која плата, со кои услови?, запраша Хајдарпашиќ.
На обвинувањата од Селмани дека „одвратно спинува“, Хајдарпашиќ му одговори:
-Ова е сушната вистина која сите ја мислат.
На неколку пати организаторите, но и Селмани се обидоа да го прекинат новинарот на Телевизија 24 со изговор дека не поставувал конкретни прашања, туку давал свои констатации.