Избор на уредникотРелигија

Нови музички изданија од Бигорската Обител и Манастирот Рајчица

По неколкумесечна подготовка излегоа и во продажба се два музички диска од Бигорската Обител и Манастирот Рајчица – „Малиот молебен канон на Пресвета Богородица“, кој е испеан од монахињите на Бигорскиот метох, манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица и „Молебниот канон на Свети Јован Крстител, во чест на неговата чудотворна икона, испеан од монасите на Свештената Бигорска Обител.

– Овие музички изданија се дел од низата проекти кои беа подготвени во знак на одбележување на дваесетгодишнината од возобновеното монаштво во Свештената Бигорска Обител, а посебно имаат за цел да го потенцираат враќањето на источно-црковното пеење во нашите храмови, кое настана токму по возобновувањето на монашкиот живот, велат од Бигорската обител.

бигорски цеде

„Пред повеќе од десет години, поточно во 2002 година, на барање на  верниците, со Божја помош во Бигорскиот Манастир беше снимено во живо пеењето на богослужбите од најсветите денови на Страдањата на нашиот Спасител Господ Исус Христос и Неговото славно Воскресение. Ова наше прво музичко издание, насловено како ‘Пасхални песнопенија’, настанато сосема спонтано, без некакви посебни подготовки и услови, и покрај сите свои недостатоци како едно од првите во македонската византиска дискографија, беше најтопло примено од аудиториумот и одигра значајна улога во нашата мисија за приближување на народот кон Бога. Потоа, како резултат на иницијативата на нашата Обител и нејзината плодна соработка со Македонската филхармонија и други музички автори, во јавноста излегоа уште два аудио записи во живо од концертите на источно-православна музика одржани во текот на 2012 и 2013 година, а во спомен на Страдањата и Воскресението Христови. Сега, пак, како одговор на сè поголемиот интерес и љубов кон источно-црковното православно пеење во нашата земја и желбата на нашиот народ за враќање кон своите традиционални музички корени, братството на Бигорската Обител и сестринството на Рајичката Обител „Св. Георгиј Победоносец“ му го принесува на дар на благоверниот македонски народ овој свој скромен музички плод, кој полека се развиваше и созреваше низ секојдневниот молитвен и богослужбен живот“, се вели во предговорот на овие изданија, напишан од Старецот на нашите Манастири, Архимандрит г. Партениј.

Изданието, покрај музичкиот диск, содржи книга во која заедно со предговорот на Архимандрит Партениј, се поместени текстовите на двете богослужби кои во целост се испеани на дисковите, како и прилог од величанија за повеќето светители во годината, кои можат по избор да се додадат на одреденото место во богослужбата.

хор бигорски

– И двете богослужби се испеани на македонски книжевен јазик. Двата диска беа снимени во текот на август минатата година, во студиото М1 на Македонската радио телевизија, под раководство на нивниот стручен тим. Овој проект немаше да биде возможен без поддршката на сите наши возљубени браќа и сестри кои со голема љубов го помогнаа неговото остварување. Бог да ги спомне во своето Царство, велат од Бигорското братство.

Дисковите може да се купат во продавницата на Бигорскиот Манастир и Манастирот во Рајчица или да се порачаат на телефонските броеви 070 342 970 и 070 733 722.  Чинат по 400 денари или 700 денари доколку се купат двата.

Поврзани вести

Back to top button