Претседателот на Синдикатот на приватниот сектор на Косово Јусуф Аземи, денеска изјави дека од 2021 година повеќе од 100 илјади луѓе го напуштиле Косово и затоа недостигаат квалификувани работници во приватните компании. Според него, иако работодавачите не сакаат да се изјаснат по тоа прашање, недостатокот на работна сила е присутен во секој сектор, а има и случаи на работници кои вршат работи за кои не се квалификувани, пренесува порталот „Репортер“.
Аземи изјави дека заминале претежно квалификувани работници и оти нивното заминување води до исклучително големи загуби, главно за приватните компании.
Тој посочи дека неквалификуваните работници не можат да ги заменат квалификуваните и изјави дека техничките работници кои вршат услуги во централните институции се платени до 180 евра.