Македонија

Министерство за економија ќе дава субвенции за ПВЦ прозори, сончеви колектори и печки на пелети

Министерството за економија и годинава ќе го субвенционира подобрувањето на енергетската ефикасност на домовите и во текот на месецов ќе ги објави огласите за надоместок на дел од средствата за купени и вградени сончеви термални колекторски системи и за надоместок на дел од средствата за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци што ќе бидат отворени до 31 август годинава.

Овие два огласа се дел од Програмата на владата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2018 година преку која годинава првпат се додели надоместок на дел од трошоците за купување печки на пелети. За трите мерки од Програмата вкупно се предвидени 50 милиони денари што ќе се доделуваат преку Министерството за економија од кои 14 милиони се веќе искористени за субвенционирање на печки за пелети, додека за мерката за сончеви колектори се предвидени шест милиони денари, а за мерката за енергетски ефикасни прозорци 30 милиони денари. Сите мерки се доделуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Преку мерките за субвенционирање на граѓаните за подобрување на енергетската ефикасност на домовите досега се доделени 70 милиони денари за вградување на соларни колектори со кои се поддржани 6.031 лица, како и 36 милиони денари за вградување на ПВЦ или алуминиумски прозорци со кои се опфатени 1.327 баратели.

Поврзани вести

Back to top button