Свет

Мигрантите во Бугарија прво ги ограбуваат, па им пуштаат кучиња и тоа не е крајот

Мигрантите од Блискиот исток кои се обидуваат да дојдат до европските земји ја користат и бугарската рута. Тој пат е многу потежок и поопасен, но и поевтин.

begalci-1

Се одлучуваат да одат по копнен пат, преку Турција и Бугарија, поради страв од море и чамци, но и поради заштеда. Оваа рута е поопасна од останатите, првенствено поради бруталната бугарска полиција, но дури тогаш следи вистинска борба, бидејќи треба да ја преминат Стара планина, која е на границата меѓу Србија и Бугарија. Границата мигрантите ја минуваат пеш помеѓу 20 и 40 километри, а токму на таа рута неодамна две лица го загубиле животот поради студ.

Според сведочењето на волонтерка од кампот, мигрантите кои доаѓаат во центарот во Димитровград, се во многу лоша состојба.

“На нив се видни последиците од долгото пешачење преку планината. Настинати се, облеката им е скината. Често се присутни и други симптоми како модрици, рани од кучиња. За една седмица, колку што работам тука, имав можност да видам многу такви случаи и од колегите да слушнам дека тоа на овие луѓе често им се случува”, објаснила волонтерката. Таа додала дека некои патеки водат преку река, па се случувало луѓето да дојдат целосно влажни, пренесува Kurir.rs.

29-годишниот Хомам А. ја напуштил Сирија пред 2 месеци поради војната и тешките услови за живот, а на патот тргнал со сопругата и бебето.

“Немавме вода, храна, немавме струја, а надвор е многу студено. Имаме мало бебе и решивме да продолжиме понатаму. Прво дојдовме до едно турско село, потоа до Истанбул, од каде тргнавме за Бугарија. Таму се сретнавме со најголеми проблеми”, рекол Хомам А.

Како што Хомам објаснил, кога пристигнале во Бугарија, се приклучиле на група бегалци кои ги сретнале таму. Потоа дошле бугарски војници и почнале да ги тепаат.

“Ги тепаа сите, стари луѓе, млади луѓе, жени. Се обидоа да ми го земат детето, но не им дозволив. Подоцна сите не ставија во затвор. Ми ги земаа парите, 2.000 евра. Половина од парите ги потрошив на војската и полицијата, а со останатото купувам неопходни работи. Иако сум муслиман и не јадам свинско, бев принуден да купам и да јадам бидејќи друг избор немав”, вели Хомам А., пренесува српски Kurir.

Според неговите зборови, на него и на останатите бегалци група бугарски полицајци им земале сè, од пари, лични карти и пасоши, до телефони и куфери.

Откако биле пуштени од затвор, Хомам и неговото семејство дошле до Софија каде запознале еден Либанец кој имал документи, па го замолиле преку него да побараат пари од роднините. Откако им помогнал, тргнале во Србија со автомобил.

“Возачот кој не носеше кон границата, не исфрли на пола пат и кажа дека не може да продолжи понатаму. Од таму одевме пеш. Патот преку планината беше ужасно тежок, дури и со автомобил. Пешачевме два часа до српската граница. Тука еден полицаец повика такси да не пренесе до центарот во Димитровград. За 4 километри таксистот ни наплати 200 евра”, рекол Хомам.

Поврзани вести

Back to top button