Мета се закани дека ќе ја изнесе војската на улиците, во Скадар запален изборен материјал, судири на полицијата и граѓаните (ВИДЕО)
Со наближување на 30 јуни, денот на локалните избори, се зголемуваат тензиите во Албанија.
По барањето на градоначалниците од редовите на опозициската Демократска партија, Општинските изборни комисии да ги ослободат просториите определени за гласање, просториите кадешто се сместени комисите и изборниот материјал се под полициско обезбедување.
Во северниот град Скадар по тензичната ситуација во моментот кога членови на ЦИК го доставуваа изборниот материјал во еден објект во општината, синоќа е подметнат пожар во училиште каде што веќе се наоѓал изборниот материјал, кој целосно изгорел, а предизвкана е и материјална штета врз училишната зграда. Дошло до судир меѓу полицијата и граѓани кои ја попречувале интервенцијата на противпожарната единица, за што се приведени најмалку пет лица.
Во градот Тропоја украден е и расфрлен изборен материјал, а избил и судир меѓу полицијата и приврзаници на Демократската партија во Билишта, Бурел, Каваја, како и во Камза каде е повреден полициски службеник.
Коорднаторката на новата пратеничка група на Демократската партија, Рудина Хајдари, ќерка на еден од основачите на партијата, Азем Хајдари, кој беше застрелан пред партиското седиште во 1998 годна, упати апел за смирување на состојбата, оценувајќи го палењето на училишта како „национална траума и антиалбанско насилство“. Таа соопшти дека едномесечната пратеничка плата одлучила да ја донира за санирање на училиштето во Скадар
Истовремено Албанскиот претседател Илир Мета на средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ кажа дека во својство на врховен командант ќе ја изнесе војската на улиците, ако има обид за одржување на локалните избори на 30 јуни, кои тој ги одложи.
Како што наведува албанскиот весник Шќип, албанскиот претседател кажа дека добил информации од странски служби дека ќе бидат предизвикани немири на улиците во градовите во Албанија доколку дојде до одржување на изборите и дека тој како шеф на државата тоа не може да го прифати.
Состанокот кој Мета го одржал со амбасадорите на земјите членки на ЕУ траел два часа и бил посветен на политичката криза во земјата, особено на неговата одлука да ги одложи изборите.
Мета претходно вчера им испратил писмо на амбасадорите, објаснувајќи им ги причините за одложувањето на изборите, притоа додавајќи дека „Албанците нема да гласаат на 30 јуни“.
Во писмото тој ја оценил постапката на владејачката албанска Социјалистичка партија за негово отповикување како државен удар.
Мета меѓу другото ветил дека ќе се обиде да ги седне албанскиот премиер Еди Рама и лидерот на главната опозициска албанска Демократска партија Љуљзим Баша на преговарачка маса, за да се најде решение.
Ако успее во тоа, како што се наведува, ќе ја замоли опозицијата да се откаже од закажаниот протест на „обединетата албанска опозиција“ закажан за 21 јуни.