Манастир „Успение на Пресвета Богородица“ од Јанковец предупредува: Некој порачува манастирски лек козлец, а потоа го препродава по 300 евра
Некое лице по 300 евра го препродава лек козлец кој се прави во нашиот манастир на заболените од карцином, предупредија денеска од манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ од Јанковец. Во објавата на Фејсбук-страница на овој манастир кој се наоѓа во преспанскиот регион се наведува дека набавениот лек по таа цена им се продавал на заболените од карцином, а што е злоупотреба.
Старешината на манастирот игуменот Спиридон во објавата информира дека за да се спречи оваа злоупотреба ќе го сменат начинот на добивањето на лекот.
-Јас Игумен Спиридон се обраќам до сите браќа и сестри кои го користеа козлецот, лекот кој што го правиме во манастирот по благослов на манастирот Хиландар Света Гора, а го порачуваа по карго да им се праќа, ве известувам дека поради некои несакани состојби кои настанаа, а тоа е дека некој си го порачувал лекот и истиот го продавал на лица заболени од карцином по цена од 300 евра, нема повеќе да го праќаме по карго. Секој кој има потреба може лично да го подигне од манастирот бесплатно, се наведува во објавата на ФБ страницата на манастирот.
Лекот козлец изворно се прави од монасите на Хиландарскиот манастир на Света Гора и многу се користи за лекувањето на различни видови карциноми. Неговата основна состојка е билката Змиско грозје (Козлац, лат.Arum maculatum) која е повеќегодишно зелјесто растение со прекрасен цвет и силно портокалово-црвен плод, со непријатен мирис. Лековитиот еликсир се приготвува само од коренот на оваа билка кој се обработува по посебна рецептура.