ЖивотЗдравје

Малите честички од пластиката стигнуваат и до мозокот

Истражувањето на Медицинскиот универзитет во Виена („МедУни Виен“) покажа дека малите пластични честички стигнуваат и до мозокот. Истражувањето, чии резултати беа објавени во стручното списание „Наноматеријалс“, беше спроведено на животински модел со орални дози на микропластика и нанопластика од полистирен, широкораспространет вештачки материјал, кој меѓу другото се користи и за пакување храна.

Откриено е дека ситните честички може да се откријат во мозокот веќе два часа по консумирањето. Начинот на кој микропластиката и нанопластиката ја пробиваат крвно-мозочната бариера претходно беше непознат во медицината.

Со помош на компјутерски модели, виенските научници открија дека одредена структура на површината е клучна за преминување на пластични честички во мозокот. Крвно-мозочната бариера е важна клеточна граница, која го штити мозокот од навлегување на токсини и патогени. Цревата имаат слична заштитна бариера како мозокот – цревната слузница, низ која, како што е откриено со научни истражувања, може да поминат и мали честички од пластика.
Честичките од нанопластика и микропластика во дигестивниот систем се поврзани со локални воспалителни и имунолошки реакции и со појава на рак. Пластичните честички во мозокот би можеле да го зголемат ризикот од воспаленија, невролошки проблеми или дури и невродегенеративни болести, како Алцхајмерова или Паркинсонова болест, а итно се потребни дополнителни истражувања во оваа област, нагласија научниците од Медицинскиот универзитет во Виена.

Пластичните честички помали од 0,001 милиметар се нарекуваат нанопластика, а оние до пет милиметри се нарекуваат микропластика и се видливи со голо око. Нанопластиката и микропластиката влегуваат во нашиот синџир на исхрана, меѓу другото, преку отпадот од пакувањата.
Како што покажало истражувањето, лицето што пие дневно препорачано количество од 1,5 до два литра вода, годишно внесува 90.000 мали пластични честички. Луѓето што пијат вода од чешма се во малку поповолна положба, па внесуваат околу 40.000 честички годишно.

За да се намали можната штета на микропластиката и нанопластиката за луѓето и животната средина, важно е да се ограничат нивното ширење и употреба, а во исто време да се продолжи со истражување на ефектите од малите пластични честички. Откриениот механизам за надминување на заштитните бариери во телото може решително да го унапреди ова истражување, посочи научниот тим од Медицинскиот универзитет во Виена.

Поврзани вести

Види и...
Close
Back to top button