Мајка на едно од убиените деца: Иако беа мртви, цела ноќ им течеа солзи од очите – Сите кои си поигруваат со нашите деца да се плашат од тие солзи
Родителите на жртвите од петкратното убиство кај Смилковско езеро на денешното рочиште за случајот „Монструм“ побараа да се обратат пред Судот, пред обвинителите и пред новинарите и упатија заеднички барања. Зборуваа мајката и таткото на едно од убиените момчиња Александар Наќевски, Зорица и Горан.
Мајката побара судот и јавното обвинителство да ја утврдат улогата на обвинетите – дали се поврзани во настанот како директни извршители или помагачи. Да ја утврди природата на пораките на петте функционери на ДУИ. Да се насочи кон утврдување на двајцата НН сторители кои се посочени од заштитениот сведок, но не се опфатени со истрагата зашто биле недостапни за органите на прогонот.
– Тука веќе се слуша гласот меѓу Фејзи Азири и НН лицето: „Вечерва сонував еден многу лош сон. Сонував еден сон како да му ги врзаа рацете на момчето и плачев па си велев да не не се израдувам, да не не го завршам тој никавец“ – цитираше мајката транскрипт од разговорот.
– Нашите деца во четврток се убиени, во петок се донесени дома. Беа со отворени очи. Во петокот цела ноќ, до саботата попладне, кога ги погребавме, им течеа солзи. Сите кои си поигруваат со нашите деца да се плашат од тие солзи – рече мајката Зорица.