Лонли планет ја означи Македонија за трета најдобра туристичка дестинација во светот
Компанијата за туристички совети вели дека „гастрономијата, античката традиција и природата“ ја ставаат Македонија на третото место на туристички дестинации во светот.
Македонија е прогласена за трета најдобра туристичка дестинација во светот во 2020 година, зад Бутан и Англија.
Списокот на Лонли планет, претставен во книгата „Најдоброто од патувањата 2020“, е составен врз основа на „актуелноста, уникатните искуства и факторот на одушевување“.
„Списоците од ‘Најдоброто од патувањата’ вријат од годишнини и отворања на аеродроми. Ретка е можноста да се слави ребрендирањето на една земја“, вели Лонли планет.
„Таков е случајот со Северна Македонија – место најпознато едноставно како Македонија – кое доби нов прекар по децениските политички дебати со соседна Грција. Договорот потпишан во 2018 година поттикна убав импулс на соседска љубов и обновен меѓународен имиџ за малата нација во срцето на Балканот.
Таа веќе беше позната по гастрономијата, античката традиција и природата, но зависниците од културата и авантуристите ќе најдат нов изговор да ја посетат во 2020 година со додавањето нови летови до Охридско Езеро, кое е заштитено од УНЕСКО, и неодамна покренатата ‘Висока шарпланинска патека’“, 495-километри долга патека по должината на најдраматичните врвови на регионот“, вели Лонли планет.
„Со тукушто решен еден од најдолгите конфликти во Европа – спорот со Грција за името Македонија – прекрстената ‘Северна’ Македонија е преполна со напуштени дотраени цркви, живописни планински села и историски докази од безбројните освојувачки империи“, вели Ајриш егзаминер коментирајќи го изборот.
„Ако по нешто ви е позната земјата, тоа веројатно е пејзажот, но поупорните патници ќе наидат на изобилство од културни љубопитства и страст кон убавата храна. Скопската Турска чаршија му е достоен конкурент на Истанбул, додека Македонците имаат и склоност и талент за црвеното вино.“
Целиот список на земји:
Бутан
Англија
Северна Македонија
Аруба
еСватини
Костарика
Холандија
Либерија
Мароко
Уругвај