Курди нападнати затоа што „не постеле за време на Рамазан“
Инцидентот, според курдскиот весник Рудав се случил во кампот Мориа на грчкиот остров Лезбос во петокот. „Борбата започнала кога некои арапски момчиња почнале да се борат со Курдите околу постот“, изјави Мохамед Калил, 19-годишен курдски мигрант од Сирија, за курдскиот весник, пренесе РТ.
На видеото се гледа како еден човек лежи на земја, додека други физички се пресметуваат. Некои од нив држат метални и дрвени предмети.
„Постев вчера, но некои арапи од Сирија, Ирак, Јемен и Алжир дојдоа и рекоа дека Курдите од Ројава (Сириски Курдистан) се неверници и не постат. Потоа започна борбата. Арапските бегалци отидоа и подоцна се вратија заедно. Имаше крвава тепачка“, рече Калил.
Тој објасни дека видеата што циркулираат на социјалните медиуми прикажуваат само мал дел од насилството, додавајќи дека биле вклучени „стотици“ Курди и Арапи.
Најмалку 10 Курди биле „сериозно“ повредени во насилството, според Калил, додека седум други биле помалку сериозно повредени. Прва помош им била дадена на местото на настанот, а некои бегалци биле однесени во блиската болница. Првичните извештаи наведоа дека четири лица загинале, а шест други биле повредени.
Не е првпат во кампот Мориа, кој со месеци работи со капацитет од 300 проценти, да е сцена на насилни тепачки. Во кампот имало масовни борби во март и декември, а еден авганистански мигрант, наводно, бил убиен во кампот минатата година.