Крава роди три телиња во неготинско Дуброво
Kрава на фарма во неготинско Дуброво роди три телиња, а вработените таму за околу четири децении постоење на фармерското производство и молзниот систем овде, не паметат ваков случај, пренесе МИА. Токму оттаму и зголемената возбуда кај луѓето во теличарникот, односно породилното одделение каде се сместени најмалечките животни.
Раководителот на ДООЕЛ Дуброво, Гоце Јованов од Неготино рече дека ова е несекојдневно нешто на фармата и дека мајката и малечките се во одлична здравствена состојба.
– Во изминатиов период имавме случаи крава да роди двојки, но ова е прва тројка. Овие години повеќе работиме на вештачко осеменување, порано имале малку застарена технологија и имало повеќе бикови. Вештачкото осеменување го избегнувале, без разлика дали поради незнаење или немање на стручен кадар. Сега се повеќе се усовршуваме и консултираме стручни кадри од надлежни институции како факултети и институти кои можат да ни помогнат за да бидеме поуспешни во краварството. Работиме на нова селекција, за да имаме што поздрава стока и помлечни грла, истакна Јованов.
Уште пред да се отели кравата која инаку е постара и ова и е шесто телење, тие забележале дека е покрупна од вообичаените стелни крави. Затоа се посомневале дека носи двојка.
– Кога го отеливме првото, извадивме уште едно, а по него дојде и трето. Возбудени бевме сите вработени, од милина кога ги видовме најмладите жители во нашата фарма. Малку и се подисплашивме оти ни се истошти кравата но за среќа како што реков, мајката и малечките се супер, таа има доволно млеко за нив, рече Јованов.
Животните кои веднаш ги освоија симпатиите на сите, добија имиња според оние кои учествувале во породувањето. Бета, Коле и Таки. Предлогот бил токму на Елизабета Додева од соседното село Војшанци, која исклучиво работи со телињата на фармата. За неа велат дека е како бабица, максимално им е посветена, особено во првите денови од животот.
– Дванаесетина години работам на фармата, околу осум во породилното. Тука мора се да биде беспрекорно чисто, за да ги заштитиме телињата од инфекции. Како штала мора и да асоцира на штала, не може шталата да биде канцеларија. Верувајте ми, не би ја менувала карактеристичната миризба на шталата ниту за најчистата фабричка хала како аптека, нагласи таа.
Во дубровската фарма која некогаш беше во склоп на агрокомбинатот “Повардарие” а сега е со турски газда, се одгледува сортата холштај фризиец. Се произведува исклучиво кравјо млеко. Машките телиња одат на продажба, а женските ги оставаaт за приплод. Во моментов таму има околу 415 грла, од кои околу 200 молзни крави, околу 50 сушени или стелни, стотина јуници и околу 60 телиња. Најдобрите машки телиња со добро педигре, добиени од добра мајка, ги оставаaт како бикови на фармата, за да видaт дали со нив во иднина ќе добијат подобри резултати.