Kосовски медиум тврди: Снимките на Исламската држава се монтираат на Косово
Четворица Албанци, Беко Идризи, Беким Фидани, Иљбер Бела и Фатон Иваја кои се борат за Исламската држава, побегнале од затвор на истокот на Сирија и повторно се активни.
Како што објави приштинска „Газета Експрес“, видео снимките биле титлувани на албански јазик и на нив можел да се види и убиениот поранешен лидер на Исламската држава, Абу Бакр Ал Багдади.
На една од снимките Фатон Иваја бил прикажан со тешко оружје. На снимките се повикува на жртвување за Божјиот пат, а џихадистите испраќаат и заканувачки пораки до Соединетите Американски Држави.
„Газета Експрес“ тврди дека овие видео снимки се монтираат на Косово, нагласувајќи дека таквата информација им била потврдена и од косовските безбедносни служби.
Приштинскиот медиум наведува дека видео пораките на исламистите биле снимени „некаде на границата помеѓу Турција и Сирија“.
„Значаен број на припадници на Исламската држава турските власти не ги заробија и тие им се придружиле на терористичките групи во активностите кои се присутни на курдска и сириска територија“, изјави Бедри Ељези од косовскиот Институт за меѓународни студии.
„Ситуацијата во Сирија не наведува на размислување за опасностите доколку тие се вратат на Балканот. Припадниците на Исламската држава кои можат да се вратат на Косово претставуваат опасност“, додаде Ељези.
Косовски експерт за безбедност исто така укажа на потребата безбедносните институции на Косово повеќе да работат на идентификација на оние кои ги објавуваат видео снимките.