„Јавноста бара оставки од членовите на ДИК, а како пример треба да предничат членовите од СДСМ“
Трагикомични се спиновите на нашите лукаси во врска со скандалот во ДИК. Ем трагикомични, ем без никаков позитивен ефект за имиџот на владата. Напротив.
Нема нормален човек во оваа земја кој не разбра за што и на кого се однесува шлаканицата од американскиот амбасадор Џес Бејли, кој ги обелодени своите сознанија за безмилосното арчење народни пари од страна на членовите на Државната изборна комисија. Не, тоа не е шлаканица за Силвана Бонева, не е ниту за „свиркачите“ (поткажувачите) што наводно ги немало и за „истражувачките новинари“ кои демек не си ја завршиле работата. Овие последниве, обилно поддржани од странски фондации, бездруго ќе си ја завршеа работата ако Бејли не беше проговорил за скандалот јавно, туку на некоја седенка, со тој тесен круг избрани „истражувачки новинари“, кои „секогаш први дознаваат“ (како Латас на времето), а ние потоа се воодушевуваме на нивната „умешност“ и „храброст“.
Но не, за жал на нашите лукаси, има длабока причина зошто Бејли овој пат одлучил да проговори јавно. Односно, нека ми биде простено на изразот, да ни го „свирне“ јавно.
Toa e крик против растечката „култура на грабежот“, како што вели Тричко. Бејли решил да ги опомене сите што ги покажуваат првите симптоми на забеганост, на сите кои не ја разбрале пораката на ЕУ „повеќе реформи, помалку пи-ар“, на сите кои после одвај шест месеци власт веќе толку им омекнале газињата што не можат ни да летаат поинаку освен со бизнис класа, на сите арогантни апологети кои го бранат она што не може да се одбрани и со тоа неодговорно ја резилат владата на Зоран Заев, не само пред граѓаните, туку и во очите на нашите најверни пријатели во меѓународната заедница.
„Слободен печат“ скандалот за ДИК го дозна од „свиркач“ од оваа институција. Неколку часа пред скандалот да го обелодени Бејли. Исплатите на баснословните награди се вршат со одобрение на Министерството за финансии. Последната уплата е извршена пред помалку од еден месец. Каде се „свиркачите“ од ова министерство? Каде е владината служба за транспарентност и отчетност да ја извести јавноста за големите и неоправдани исплати? Конечно, каде е партијата на власт да ги „замоли“ своите членови во ДИК да ги напуштат своите позиции?
Дами и господа, овој пат нема да дозволиме неодговорните да се извлечат со „враќање на парите“. Арам пари се тоа, никој од такви пари фајде не видел. Не смеат да се извлечат ни со евтин пи-ар. Не со замена на тези, не со напади врз „релативизаторите“, не со навреди кои сега ќе ни бидат упатени од фејсбук-навивачите и од куртон-порталите. Ништо од тоа нема да заврши работа. Јавноста бара оставки од членовите на ДИК, а како пример треба да предничат членовите од СДСМ.
Така јас ја разбирам пораката на Бејли свиркачот – нулта толеранција за корупцијата, за грамзивоста и за неодговорноста. За сите. А посебно за луѓето од власта. За тоа се боревме, нели?
БРАНКО ГЕРОСКИ ЗА ПЛУСИНФО