Исповеди од луѓе кои доживеале клиничка смрт
Што се случува со нас кога ќе умреме? Ова прашање постои исто колку и самото човештвото, па токму затоа е и предмет на голем број истражување. Во потрага по вистината, еден корисник на Редит неодамна го поставил истото прашање, но само кон оние кои преживеале клиничка смрт. Пристигнале стотина одговори и иако секој од нив треба да се чита со доза внимание, тие можат да се поделат во 3 категории.
Првата категорија ја сочинуваат луѓе кои не почувствувале ништо, втората се оние кои виделе светлина и/или имале некаков контакт со личност од другата страна и во последната група се оние кои гледале што сè се случува околу нив додека биле „мртви“, но не можеле ништо друго да направат. Прочитајте дел од сведоштвата на луѓе кои доживеале клиничка смрт:
„Малку се сеќавам на возењето со итната помош, но воопшто не се сеќавам на своето тело. Го гледав како тоа лежи додека покрај него имаше доктор со ментол зелена боја на коса. Јас го немав видено пред да се онесвестам, а сепак го познавав кога се разбудив. Дојдов при свест 3 дена подоцна.“
„Стоев на некое место. Околу мене имаше магла, а потоа го здогледав мојот најдобар пријател со кој во тоа време се карав и не се дружев. Дојде од маглата и ми рече дека не можам сè уште да си одам, дека морам да продолжам да се обидувам и ако му ветам дека нема да се откажам ќе ме врати. Му ветив, но без зборови и во истиот момент се вратив.“
„Се сетив на сè што доживеав кога ‘умрев’. Немаше ни светла, ни покојни роднини. Никој не ми велеше да се вратам, но видов нешта кои никако не можев да ги видам од местото каде што лежев. Се сеќавам дека зборував и дека бев многу лут затоа што никој не ми одговараше. Мајка ми потоа ми рече дека не сум зборувал ништо бидејќи сум бил мртов.“
„Додека итната помош ме водеше кон болницата, се сеќавам дека стоев од страна и се набљудував себеси, како и сите кои беа со мене.“
„Во еден момент бев буден, гледав што докторот прави и разговарав со него. Одеднаш се огласи аларм и сите почнаа да паничат. Сè околу мене стана магловито, а потоа се стемни. Следно нешто што се сеќавам е кога го чув докторот како рече ‘Го вративме’.“