Исповед на жена болна од рак: „Станав посилна, сфатив дека животот е за живеење“
Ема Јанг од Велика Британија ја раскажува приказната за својата борба со ракот со цел да ги охрабри милионите жени низ светот што се борат со оваа ужасна болест.
„Имате малигнен рак на дојка, се зборовите од кои никако не можам да избегам“ ја почнува својата исповед Ема Јанг од Велика Британија.
„Во моментот кога ми беше кажано ова, како нешто во мене да се промени, станав друга личност. За момент нешто во мене направи „клик“ и станав посилна, речиси непобедлива.
Помислив ќе го направам тоа што треба да го направам – немам друг избор. Не сфаќајте ме погрешно, бев исплашена – многу исплашена. Малигнен рак значи дека ќе умрете, така? Претпоставив дека тоа ќе се случи веднаш, не знаејќи колку долго ќе можам да живеам со него. И сè на што можев да мислам е дека сум им потребна на моите деца. Не смеам да умрам.
Потоа, се надевав дека е во рана фаза и дека ќе успеам да живеам долго со тоа, но ми кажаа дека метастазирал и тогаш приказната стана мрачна – бев смртно болна.
Кога ќе ви дадат ваква дијагноза не можете да ја заборавите ниту за миг. Постојано е тука, на крајот на мојот ум, а на почетокот беше и испринтана на моите очни капаци, штом ги затворев ја гледав.
Најчесто можам да ја затворам во кутија, но понекогаш реалноста ме удира во глава. Живеам како во меур, но тука е мислата дека ќе умрам.
Не само што се променив како личност, туку и мојот живот се промени. Мојот став се промени. Не бев подготвена повеќе да губам ниту миг – сакав да го живеам мојот живот.
Повеќе не се грижев за малите работи. Научив да го слушам своето тело повеќе, да одморам и да не ја користам сета моја енергија наеднаш – ми требаше долго време за да се адаптирам нa тоа.
Дијагнозата го промени мојот однос и кон децата. Морав да им дадам искуства, да минам што повеќе време со нив и да им креирам спомени.
Не знаев колку време имам преостанато, па направив толку многу во првата година.
Некои луѓе околу мене се бореа со тоа да ја прифатат дијагнозата. Не можам да замислам колку е лошо примањето на вест дека некој што го сакате е болен од рак. Сигурно е ужасно.
Со текот на времето ситуацијата се стабилизираше и како да научив мојата мала „нечиста“ тајна да ја носам со себе.
Однадвор изгледам нормално, живеам нормален живот и така ми се допаѓа. Но, понекогаш кога доаѓа ситуација да им објаснам за болеста на луѓето, сè ми минува повторно пред очи и луѓето се шокирани кога ќе дознаат со што живеам.
Дали мислам дека ракот ме дефинира? На почетокот да, мислев.
Бев пациент со рак кој ќе умре. Го живеев животот во поглавја, одев на хемотерапии, зрачења, снимања секое три месеци, бев анксиозна и се надевав на добри резултати.
Како времето минуваше моите поглавја се зголемуваа, па така од снимањата од три месеци, почнаа да се случуваат на шест месеци.
Сега тој збор не ме дефинира воопшто. Сега не мислам дека сум смртно болна, туку дека сум хронично болна и тука има голема разлика.
Со хроничната болест можете да се справите. Но, тоа е како живеење на работ и можете да паднете во секој миг, но за мене важно е да не живеам во сенка. Животот е за живеење.“