Живот

Исповед на Србин кој живее во Швајцарија – Никој не работи и сите живеат на товар на социјалните програми

Ми дојде пријател од Женева. Го однесов на сладолед. Денес во Белград можно е да се касне извонреден сладолед во пристоен амбиент, во пакет со сосема солидно еспресо. Има 30 години. Не е оженет, моментално нема девојка. Работи толку многу што нема сопствен живот.

Има многу бизниси, добро сако, нов ајфон и пристојна доза на незадоволство. Има толку пари што не го фаќа паниката која ги мачи неговите врсници во Србија. Покрај отсуството на паниката која на луѓето сепак им дава некаква живост, тој делува изморено и презаситено. Триесет години работа во строго уреден систем, никаков капитал, и никакво емотивно засолниште во форма на семејство.

Живее во елитен кварт во Cologny во изнајмен стан. Тешко е таму да имаш нешто свое. Сé те приморува да работиш и да трошиш. Додека работиш, можеш пристојно да живееш, кога одиш во пензија бегаш од Швајцарија без око да ти трепне. Има 30 години и 10 години работен стаж. Ретко кој овде може да се пофали со такво нешто. Викенд нема. Еден ден неделно му е слободен, и притоа секогаш е различен ден од неделата. Работи за Нова година и Божик. Кога доаѓа во Србија, сите го гледаат како гастарбајтер. Секоја негова мисла ја мери во швајцарски франци.

Најдобрите пријатели го гледаат како потенцијален инвеститор, кој како „deus ex machina“ ќе дојде и ќе го реши нивниот најголем работен неуспех – невработеноста. За девојки е излишно да се зборува. Некогашните другарки се престари за него, а помладите во негово присуство брзо заболуваат од спонзорштина и старлетизам.

И покрај безнадежната ситуација која ништо не ветува, мојот пријател ја разби касичката-прасе и откако изброи 15.000 евра, дојде во родниот Белград и ја обложи куќата со камен. Покрај новата фасада подигна и ограда од преку два метра, и ја обложи со истиот тој камен. На моето прашање дали не можел попаметно да ги вложи парите (прашањето го формулирав со едно вџашено „Зошто?“), ми одговори дека каменот е вечен.

Во Швајцарија, каде шмекерите од Србија се очигледно ефемерни и небитни, еден белграѓанец – Србин во најдобрите години и во екот на силата, го дава и црното од под ноктите за да ја обложи својата семејна куќа со „вечен“ камен. Потполно е јасна неговата потреба да ја сочува и конзервира куќата во која проживеал безгрижно и среќно детство, и која го врзува со својот дом.

Прочитајте и:  Чудниот случај на езерото Констанс: Нема граници и им „припаѓа“ на три земји

На моето прашање дали бетономешалката која деноноќно работи во неговиот двор е предвесник за враќање, тој ми враќа со изненадувачки одговор дека за него нема живот во Србија. Во декември конечно добива документи, после 15 години. Станува Швајцарец што се грози од Швајцарија, и поранешен Србин кој не се враќа дома. Доста му е од сé! Како Швајцарец ќе даде отказ и ќе се пријави во завод. Ќе прима скромна социјална помош од 2.000 евра. Со тие пари му нема живот во прескапата Женева.

„Срце мое, пола Швајцарија е на завод. Никој не работи и сите живеат на товар на социјалните програми. Доаѓаат Албанци и Французи да работат за ситно, додека вистинските Швајцарци се среќно невработени“, ми раскажува. Србија е убава за живот кога имаш пари, ама животот надвор го направи „светски човек“, така што сега секаде се чувствува како странец. Тоа што единствено би можело да го врати во татковината е нова „мечка“.

Меѓутоа, сепак има малку повеќе мозок, па го задуши во себе тој гастарбајтерски сон. И комшијата и неговата крава се одамна умрени за мојот пријател, така што нема кому да му покаже што сé стекнал и заработил „преку граница“. Окаменетата вечна куќа останува хипотетички да лебди во неговиот личен универзум, сé до длабоката старост кога, програмиран како и секој пес, ќе дојде тука да умре.

До тогаш ќе живее на Куба! За 15 години живот во Женева душичката му има зажелено за сонце. Женева има ужасна клима. Ми го покажува на телефонот погледот од неговиот стан во квартот Cologny. Се гледа езеро и куп облаци.

„Постојано е такво, драги мој“, ми вели додека шмрка еспресо. Куба е рајот на земјата. Со 100 евра живееш како Бог. Недвижностите се евтини и сега е моментот да се инвестира. Куба полека се отвара кон странците. За неколку години цената на недвижностите енормно ќе порасне.

„Сега треба да се купува, мил мој. Единствен проблем е што морам да оженам Кубанка за да можам да си купам некое  станче со доста поволен кредит“, ми вели со насмевка додека го дојадува сладоледот. Во неговиот поглед гледам замисла за среќен крај, но некаде длабоко во моево постоење Његош се побунува ме потсетува дека никој не е среќен и задоволен.

Не се брукавме еден пред друг, фино си направивме муабет, а јас пристојно му се најавив како гостин во Хавана, бидејќи и јас самиот се борам со таа идеја за „среќа во животот“, па ме интересира дали кубанското сонце е поблаго од ова неумоливо и грубо српско.

Поврзани вести

Back to top button