Свет

Исламисти повикуваат на нови напади на божиќни панаѓури во Германија

По вчерашниот напад во Берлин во кој загинаа 12 луѓе, лица, кои тврдат дека се членови на групата Исламска држава (ИД), повикуваат на извршување нови напади на божиќните панаѓури во Германија, објавија денеска германските медиуми.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, привразници на ИД во приватна група на сервисот за групни пораки на апликацијата за комуникација „Телеграм“ пропагираат и најавуваат терористички напади и операции во стилот на вчерашната и онаа во јули во Ница.

Во пораките што ги откриле германските безбедносни служби еден „припадник на ИД“ на лош германски јазик повикува на насилство и на другите членови на групата на „Телеграм“, само 90 минути по нападот во Берлин, им порачува дека „овие напади врз непријателот најавени неколку пати досега, не смеат никогаш да запрат.

– Вам не ви е потребно ништо повеќе од возило, автобомил или камион и соодветна намера за да се втурнете во метежот каде што има неверници. Со Алах овие операции ќе го уплашат и тероризираат непријателот, се вели во пораката, што ја пренесуваат германските медиуми.

Германските служби во последниве месеци постојано добивале информации дека радикални исламисти повикуваат на ваков вид на напади и поради тоа биле преземени сите потребни мерки за нивно спречување, но вчерашниот настан во Берлин, според експертите, покажува дека нема максимална одбрана од фанатични напаѓачи кои имаат цел да убијат цивили.

Поврзани вести

Back to top button