Избор на уредникотМакедонија

„Ги викаат сељаци, опинчари, а тие ќе ја создаваат македонската класика“

Ќе се случеше стално да се пожали некој ученик во смисла ‘професорке, не викаат сељаци и опинчари’. Јас морав да бидам многу мудра во одговорите и практично да им покажам дека еден ден тие ‘сељаците’ и ‘опинчарите’ ќе ја создадат македонската класика, познавајќи ги и Моцарт и Бетовен, познавајќи ги и делата на нашите дедовци. Во предност се комплетно изградените музичари кои ја научиле најпрво својата национална музика, а потоа музиката на другите народи”, вели Арифовска за Вечер. Таа деновиве го издаде цедето “Кон исток со обработки и нови аранжмани на традиционални македонски народни песни од источна Македонија

На македонската публика сте и позната како извонреден музичар, а се зборува дека сте виртуоз на повеќе од 15 инструменти. Но, кои се главните инструменти по кои ве препознаваат и како, всушност, започна Вашата музичка приказна?

Можеби на публиката најмногу сум и препознатлива по изворните македонски инструменти како кавалот, тамбурата, гајдата и тапанот. Обично и не сакам многу да раскажувам приказни со зборови, освен онаму кајшто е навистина потребно за мотивирачки цели. Затоа пак, на сцената, публиката сака дејство, музика, приказна…

Единаесет години работевте како професор во ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј” каде што на учениците им предававте народни инструменти. На што инсистиравте на Вашите предавања и што сакавте да им пренесете од Вашето богато музичко искуство?

Инсистирав најмногу на одговорност и почит кон она што го работат. Дека вежбањето треба да им стане љубов и секојдневна работна навика. Откога тоа ќе го разберат, тогаш знам дека предавањата не се празни и дека ќе има повратен позитивен ефект во поголем процент. Специфично во мојата работа е што наставата е претежно индивидуална, па потоа групна. Во индивидуалната работа имам простор да го запознам ученикот одблизу и да почувствувам колку тој има желба, капацитет и колку сака да ја прими или развива музиката. Професорот е отворена книга или длабок бунар, а ученикот е тој што има можност и одбира колку ќе си земе или црпи. Во нивни раце е како ќе се градат како идни музичари професионалци.

Какво е Вашето мислење, има ли денес интерес кај младите за народни инструменти и воопшто за негување на народната музика?
Според мене многу важен е профилот на еден професор, колку тој самиот е активен на сцена, колку свири или пее, колку создава музика, каков производ нуди во пракса, колку е во тренд… Само тоа може да го заинтригира ученикот и да се мотивира за нешто посериозно. Знам по себе… мојата животна слика и животен пример беше и сеуште е мојот професор Драган Даутовски. Околу интересот на младите… Во денешно “помодерно# време имав почесто случаеви да треба убедливо да зборувам околу тоа – што значат традиционалните инструменти и традиционалната македонска музика воопшто. Ке се случеше стално да се пожали некој ученик во смисол “професорке ни викаат сељаци и опинчари#. Јас морав да бидам многу мудра во одговорите и практично да им покажам дека еден ден тие сељаците и опинчарите ќе ја создадат македонската класика познавајќи ги и Моцарт и Бетовен, познавајќи ги и делата на нашите дедовци. Во предност се комплетно изградените музичари коишто ја научиле најпрво својата национална музика, а потоа музиката на другите народи. И секако, има се поголем интерес кај младите за народните инструменти.

Колку овој старата традиционална музика е популарен кај граѓаните во Македонија?

За граѓаните во Македонија ми е малку потешко да зборувам… не за друго, реално е нарушен или изгубен критериумот за конзумирање домашна традиција, култура и уметност. Во последниве години многу тажна слика на она што се нуди како увоз на странски музички производи, наспроти настојувањето на афирмација на домашни уметници.

Сега работите во оркестарот на “Танец”. Постои ли за вас некој омилен народен инструмент од кој не се одвојувате и заради кој и ангажманите се поголеми ?

Нема… во пракса сум практичар. Работам во “Танец” како асистент на оркестар или раководител на изворен оркестар. Тука се бара пошироко познавање како изведувачко, така и авторско. Знаци за да водите или пишувате музика за одредена музичка формација нема омилен инструмент. Функцијата е да се организира комплетниот музички инструментариум односно распишување партитури, аранжирање дела и проби со изведувачите. Инаку, најчесто седам меѓу тамбурите, во моментов таму сум попотребна.

Често настапувате во бендови со музичари од државата и странство. Кажете ни некоја интересна случка од заедничката соработка?
Обично странциве реагираат најмноги на нашиот нерамноделен ритам. Еднаш со квартетот се најдовме на иста сцена со врвни џез музичари…(ми се чини некаде во Италија бевме)… Останаа некои слободни минутки пред настап и се расвирувавме секој со својот инструмент. Имаше спонтано надоврзување еден на друг со импровизации, но тешко се снаоѓаа на наш посложен нерамноделен ритам. Изгледаше како “сопнување на прав пат”. Со неколку обиди да го најдат првото време и да влезат во колосек, безуспешно само кренаа раце и се откажаа пријателски (ха,ха). Но, изненадувачки е фактот што се повеќе има странски љубители на балканска музика особено. Се интересираат и учат традиционални теми, ритми, инструменти, танци, песни… Има голем интерес за народни носии и воопшто за македонски фолклор, така што и за странциве веќе не е толку баук традиционалната македонска музика. Имаат достапни информации, доаѓаат или не канат на семинари итн.

Со оглед дека имате богато долгогодишно музичко искуство, постојат ли за вас нови предизвици кои треба да се совладаат?
Секогаш има предизвици… Ми се чини дека еден живот е многу малку ако сака човек да се реализира потполно во повеќе свери. Предизвик е да се работи со музичари од разни правци… Онаа размена на искуства и градење новини во музиката, експерименти во умерен смисол… Но битно е да се зачува и продуцира традиционалната домашна музика.  (Д.Т.)

ИЗВОР: ВЕЧЕР

Поврзани вести

Back to top button