Германските медиуми: Хрватска нè ограбува две евра за топка сладолед, 22 за плескавица
Германски „РТЛ“ објави текст со наслов „Хрватска нè ограбува две евра за топка сладолед“. Според нив Хрватска станува наменета само за туристи со подлабок џеп. Анализирајќи ги цените на хрватското крајбрежје, „РТЛ“ го поставува прашањето дали Хрватска ќе остане достапна за мнозинството туристи или ќе стане дестинација резервирана за богатите. Значително поскапување има и на различни услуги, меѓу кои и ресторани и угостителски објекти.
Според „РТЛ“, може да се забележи дека трошоците во Хрватска значително се зголемени. Дури и за основни работи како топка сладолед, туристите сега мора длабоко да копаат во нивните џебови. Сепак, ова поскапување не е ограничено само на сладолед, значително се зголемија и цените на храната, пијалоците и оброците во рестораните, пишува германскиот портал.
Хрватска некогаш беше популарна по пристапните цени, привлекувајќи туристи од целиот свет. Сепак, ситуацијата се промени, а земјата стана една од најбараните дестинации за одмор. Сега прашањето е дали овој тренд е одржлив во поглед на растот на цените, продолжуваат Германците. На пример, во Дубровник цената на топка сладолед достигна и до пет евра, додека во Ровињ за плескавица се плаќа 22 евра.
Статијата ги истражува причините за ова зголемување на цената. Еден од факторите е високата стапка на инфлација во Хрватска во споредба со другите земји од Европската унија. Исто така, се забележува дека последиците од пандемијата се уште се чувствуваат, а воведувањето на еврото на почетокот на годината дополнително влијаеше на корекција на цените.
Како заклучок, „РТЛ“ пишува дека високите цени не се само во Германија и сугерира дека уживањето во омилените деликатеси како коктели или сладолед може да стане луксуз за многу туристи, без разлика на дестинацијата, било да е тоа во Германија, други земји или на одмор во Хрватска.