Германија ги затвора продавниците и училиштата (ВИДЕО)
Продавниците што продаваат стока што не е неопходна, фризерските салони и училиштата во Германија од среда ќе бидат затворени, рече канцеларката Ангела Меркел, за да се запре „експоненцијалниот раст“ на нови инфекции со коронавирусот во најголемата економија во Европа.
Делумниот карантин ќе важи до 10 јануари, а компаниите се повикани да им дозволат на вработените да работат од дома или да понудат продолжени колективни одмори, според новите мерки што Меркел денеска ги договори со регионалните лидери на 16-те германски држави.
Продажбата на алкохол ќе биде забранета на јавни места, со што во суштина се забранува работењето на штандовите со греено вино, кое е популарно во деновите пред Божиќ.
Продажбата на петарди и огномети исто така ќе биде забранета пред новогодишната ноќ, додека амбулантите ќе вршат тестови за коронавирус.
Германците се повикуваат да ги ограничат своите социјални контакти со други домаќинства, при што ќе може да се соберат најмногу пет лица со исклучок на деца под 14 години.
Од 24 до 26 септември ќе може да се среќаваат плус четири лица, со исклучок на деца, но кои треба да бидат ограничени на блиски роднини или партнери.
„Итно мора да се преземе акција“, рече денеска канцеларката Ангела Меркел по состанокот со лидерите на 16-те сојузни држави на земјата.
„Јас посакував полесни мерки. Но поради божиќниот шопинг бројот на социјалните контакти значително се зголеми“, рече таа пред новинарите.
Владата ќе им помага на погодените компании со вкупно околу 11 милијарди евра месечно. Компаниите што се принудени да затворат може да добијат до 90 проценти од фиксните трошоци или по 500.000 евра месечно, потврди министерот за финансии, Олаф Шолц.
„Ситуацијата со короната е надвор од контрола“, рече премиерот на баварската држава Маркус Содер, поздравувајќи ги поострите мерки, кои тој вети дека ќе ги спроведе во својата држава.
Германија во ноември ги затвори објектите за одмор и култура и забрани јадење во затворените простории во рестораните.
Мерките помогнаа да се запре брзиот раст на инфекциите по есенскиот училиштен распуст, но бројките пак растеа.
Во текот на минатата недела, сепак, агенцијата за контрола на болести во земјата објави дека трендот на инфекции има загрижувачки пресврт.
„Со зголемената мобилност и со неа поврзаните дополнителни контакти во периодот пред Божиќ, Германија сега е во експоненцијален раст на бројот на инфекции“, се вели во документот што го договорија регионалните лидери и Меркел.
Затоа беше „наша задача да спречиме преоптоварување на нашите здравствени системи и затоа постои итна потреба да се преземат активности“, рече канцеларката.
Додека болниците во некои региони предупредуваат дека нивните оддели за интензивна нега се со исполнет капацитет, во градските центри во претпразничниот период имаше огромни редици на купувачи.
Канцеларката исто така изрази вознемиреност од растечките групи луѓе што се собираат за пијалаци на штандовите со греено вино, поставени од рестораните како замена за популарните божиќни панаѓури.
Германија воведе далеку полесни мерки од другите големи европски нации откако релативно неповредена мина низ првиот бран на пандемијата.
Но најголемата европска економија е сериозно погодена од втор бран со дневни нови инфекции за трипати поголеми од пролетниот пик.
Германија забележа нови 20.200 случаи на ковид во текот на изминатите 24 часа, достигнувајќи вкупно 1.320.716 случаи, според податоците објавени денеска.
Уште 321 пациент починале од оваа болест, со што вкупниот број на смртни случаи достигна 21.787 лица.
Владата на Меркел постојано повторуваше дека бројките треба да се намалат на 50 заразени на 100.000 жители, но стапката во моментов е 169,1 на 100.000.