Фармацевтска компанија мора да плати 72 милиони долари отштета поради рак на јајчници

Објавено: среда, 24 февруари 2016 во 16:53
Spread the love

Според одлуката на Окружниот суд во Мисури, САД, познатата фармацевтска куќа „Џонсон и Џонсон“ ќе мора на семејството на починатата пациентка да му плати 72 милиони долари отштета поради ракот на јајчници кој бил предизвикан од еден од нејзините производи.

Имено, Џеки Фокс (62) од Бирмингем во Алабама умрела од рак на јајчници минатата година бидејќи, како што се наведува, со децении ја користела пудрата на познатата марка „Џонсон и Џонсон“. Нејзиното семејство тврди дека компанијата „Џонсон и Џонсон“ знаела за ризиците при употребата на пудрата и дека за тие ризици не ги информирала корисниците. Истражувачите рекле дека поврзаноста со ракот на јајчници е недокажана.

Како ризични се означени и сите останати производи на база на талк-пудра, пишува „Гардијан“.

Пресудата во Мисури е дел од поширок спор во кој учествувале речиси 60 луѓе. Марвин Салтер од Џексонвил, синот на починатата пациентка, наведува дека неговата мајка со децении ја користела бебешката пудра од марката „Џонсон и Џонсон“.

Пресудата околу утврдувањето на одговорноста на компанијата и нивниот поризвод за смртта на Џеки Фокс е прва во САД која вклучува отштета. Повеќе од 1.000 слични случаи во моментот се активни низ САД, а адвокатите тврдат дека би можело да ги има и уште повеќе.

Ова не е прв случај од таков вид – компанијата со седиште во Њу Џерси веќе еднаш се нашла на удар на критиките на потрошувачите и организациите за заштита на здравјето поради тврдењето дека нивниот бебешки шампон „No More Tears“ содржи штетни состојки.

Во мај 2009 година, здружението „Кампања за безбедна козметика“ почнало да врши притисок на компанијата – од своите производи до 2015 година да ги елиминира состојките формалдехид и 1,4-Диоксан бидејќи се сметаат за канцерогени.

Портпаролката на компанијата Керол Гудрич навела дека „Џонсон и Џонсон“ ќе поднесе жалба, бидејќи одлуката на судот се „коси со децении цврсти и темелни научни истражувања во кои е докажано дека спорните производи се безбедни“.

– Не постои поголема одговорност од онаа којашто се однесува на здравјето и сигурноста на нашите потрошувачи и многу сме разочарани од исходот на овој случај. Сочувствуваме со семејството, но веруваме дека сигурноста на козметичката пудра е утврдена со децениски истражувања – рекла портпаролката на компанијата.