Емилија Стојменова била одбиена да студира кај нас, докторирала и стана министерка во Словенија
Ова издание на Студио 10, го започнавме со една среќна приказна за Емилија Стојменова Дух, млада виничанка, која денес е министерка за дигитализација во Словенија, почнува приказната на ТВ 24.
Но, оваа приказна е срамна и тажна за Македонија и само уште еднаш ја покажува гнилоста на овој наш систем, затоа што овој систем, оваа држава буквално ги брка своите брилијантни умови од државата и им ги дава на тацна на земјите каде се вреднува знаењето.
Емилија Стојменова родена е во Виница, во 1985 година. По завршување на вторa година во Природно-математичката гимназија во Виница се сели во Марибор, Словенија. Од Агенцијата за развој на кадри во Словенија добива стипендија за програмата меѓународна матура во Втората гимназија во Марибор каде го завршува средното образование.
Потоа студиите по електроинженерство ги продолжува на Универзитетот во Марибор и ги завршува како најдобар студент.
Докторира со просек 10.00. Сега е вонреден професор на Електро техничкиот факултет во Љубљана. А денес е министерка за дигитализација во Словенија во Владата на Роберт Голоб.. Инаку, таа е основач и директор на мрежата Fablab Slovenia, а е и директор на Digital Innovation Hub (dih) Slovenia.
Особено е активна во иницијативата за „паметни села“, која се имплементира под чадорот на Европската комисија и Европскиот парламент. Таа ја претставува Словенија во мултирегионалниот проект #hiddennomore на Стејт департментот на САД, кој избра меѓу 50 жени од целиот свет кои се на битни позиции во науката, технологијата и математиката.
-Кога завршив гимназија, сакав да студирам во Македонија моето семејство беше во многу тешка економска ситуација, но тука мене ми побараа 800 евра за да студирам во земјава под образложение дека не сум Македонка. Јас бев и се уште сум Македонка, вели Емилија Стојменова Дух, министерка за дигитализација на Словенија во емисијата Студио 10 на ТВ24 објаснувајќи како и зошто останала во Словенија.
Целата приказната за Емилија Стојменова Дух ќе биде емитувана во емисијата Патот до успехот, в недела во 20:45 часот.