Емигранти на германски градоначалник: Нема да работиме бидејќи сме ѝ гости на Ангела Меркел
Приказната на градоначалникот на германскиот град Валденбург Бернд Полерс за интеграцијата на емигрантите што главно пристигнуваат од земји со мнозинско муслиманско население е индикативна за многу други градови во Европа што примаат бегалци и се обидуваат да ги интегрираат во општеството, пишува Брајтбарт.
Градоначалникот Полерс признава дека плановите за „брза интеграција“ наишле на пречка. Тој и неговите соработници во градската администрација им нашле на емигрантите неколку волонтерски работи за да им помогнат во социјалните контакти и да ја разбијат здодевноста додека не добијат работни дозволи и „вистински“ работи.
Според законите на ЕУ, емигрантите не смеат да работат пред да добијат работни дозволи, но можат да извршуваат волонтерски работи, за симболичен надомест.
Затоа градоначалникот на Валденбург од 1 април годинава за машките емигранти организирал волонтирање во градските хуманитарни организации. Емигрантите покрај бесплатното сместување, џепарлакот и бесплатната храна во прифатниот центар, добиле и бесплатен превоз до работа и назад, и симболичен надомест од 1 евро на час.
Целата приказна траела само една недела, по што емигрантите едноставно одбиле да работат и да учествуваат во програмата.
„Тие луѓе ми кажаа дека се гости на госпоѓа Меркел и дека гостите не треба да работат“, изјави Полерс.
Градоначалникот открива дека емигрантите ја барале минималната плата, која во Германија изнесува околу 8,5 евра на час, и покрај претходно споменатите бенефиции кои денес во Германија ги нема никој друг.
Градскиот совет организирал специјален состанок со емигрантите за да се склучи нов договор. Емигрантите само кажале дека „нема договор“ за понатамошно волонтирање.
Додека нивните родители чекаат работни дозволи, децата на емигрантите одат во платена градинка во градот, а постарите во училиште во Глахау, каде втор јазик им е германскиот.
Постарите емигранти одат на курсеви по германски јазик, но во согласност со своите обичаи, се поделени по пол, па мажите и малкуте жени кои одат на курсот се одвоени според правилата на исламот.
И покрај тешкотиите, градоначалникот Полерс не сака да се откаже од обидите за брза интеграција, иако признава дека ваквите нешта го обесхрабруваат.
Локалната заедница не ја прифатила баш најдобро ваквата реакција на „гостите“, а особено оној дел од граѓаните кои се против политиката на Меркел и германската влада кон емигрантите.