Една жртва при ритуал за истерување на духови во Франкфурт

Објавено: четврток, 10 декември 2015 во 15:20
Spread the love

Германската полиција уапсила петмина Јужнокорејци кои се осомничени дека учествувале во убиство за време на ритуал за истерување на духови од човечко тело.

Според Јавното обвинителство, егзорцизмот се случил во Франкфурт каде што е откриено тело на 41-годишна жена во хотелска соба. Полицијата за случајот дознала откако во хотелот е повикан свештеник кој ги информирал вработените во хотелот.

Осомничени за убиството се нејзините четири деца на возраст од 15 до 21 година и нејзина братучетка, кои пристигнале во Германија пред шест недели. Според обвинителката Надја Нисен осомничените сакале да „истераат“ демон од телото на починатата и затоа употребиле сила притискајќи ги нејзините гради и стомак додека устата и ја затвориле со пешкир.

Втората преживеана жртва од истото семејство била пронајдена во гаражата на изнајмената куќа во населбата Салцбах каде што живеело семејството. Била целосно дехидрирана и со намалена телесна температура.

Обвинителството и полицијата се уште немаат информација што се случило со преживеаната жена во еден од најбизарните криминални случаи во модерна Германија.