Минатата недела косовски медиуми јавија дека косовската полиција спречила украдена медицинска опрема од Македонија да заврши во поликлиниката „Авицена КС“ во Приштина. Вредноста на опремата била 45 илјади евра, а сопственикот на поликлиниката тврди дека ја купил за 10 илјади евра.
Сопственик на оваа поликлиника во Приштина е Дритон Шуки, кој има бизниси и во Косово и во Македонија, а е добро поврзан и со косовските и со албанските политичари од Македонија.
Според косовската полиција Шуки (47) на 17 ноември бил сослушан и е осомничен дека направил кривично дело со купување на медицински апарат кој се сомничи дека е украден во Скопје.
И македонската полиција е дел од истрагата за овој случај.
Шуки во изјава за косовски медиуми вели дека во полицијата бил повикан како сведок, а не како осомничен.
Според Радио слободна Европа Дритон Шуки од 2019 година е член на Централниот одбор на ДУИ и еден од најголемите донатори на оваа партија.
На својот фејсбук-профил Шуки редовно објавува фотографии од средби со функционери на ДУИ, вклучувајќи го и лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Освен тоа, според фотографиите на фејсбук, Шуки е близок и со косовските политичари.
Во Македонија Шуки е сопственик на фирмата „Рајана инженеринг“ која гради неколку станбени и деловни комплекси во Скопје.