До 2030 Албанија ќе падне под 1 милион жители!
Поранешниот претседател на Албанија, Бујар Нишани, ги коментираше податоците изнесени од Институтот за статистика за бројот на албанската популација.
Според Нишани, Албанците се иселуваат на дневна основа заради несигурност страв, непријателска средина и целосен недостиг од функционирање на државните институции.
-Албанија го губи своето население! До 2030 ќе бидеме помалку од 1 милиони! Ако не ја запреме оваа ѓаволска спирала во 2040 ќе бидеме веројатно само неколку стотина илјади, изјави Нишани.
Тој додаде дека тенденцијата да се напушта земјата е уште повеќе очајна затоа што таа не е одраз само на неврабоеноста, кај посиромашното население, во селските средини, туку исто така и кај групите кои успеале со многу напори да достигнат среден економски стандард и нормален живот.
Инаку, Албанија се соочува и со проблемот на намален број новороденчиња. Албанскиот Институтот за статистика – ИНСТАТ соопшти дека во второто тромесечие регистрирани се 5.592 новороденчиња. Од вкупниот број најмногу од нив се родени во Тирана или 1.851 бебе, каде споредено со второто тромесечие лани бројот на новородените е помал за 22,2 отсто.
Пад на бројот на новородени деца е забележан во сите дванаесет околиии во земјата. Бројот на новородените во околијата Берат е помал за 36,5 отсто споредено со второто тромесечие лани, потоа Валона 33,6 отсто и Ѓирокастро 22,3 отсто.
Од година во година бројот на новородени опаѓа. Според ИНСТАТ, во 2017 во земјата забележан е најмал број новородени деца по 1930 година кога албанската држава започна да врши попис на населението.
Две главни причини се емиграцијата на населението, како и намалувањето на бројот на раѓањата. Експертите во Албанија нагласуваат дека стнанува збор за демографски страв. Светската организација исто така оценува дека има намален наталитет во Албанија и ако оваа состојба продолжи, за еден век можно е населението да се намали на милион жители.
Според пописот спроведен во октомври 2011 година Албанија има 2.891.977 жители. Од вкупната попишана популација, со постојано место на живеење во Албанија се 1.421.810 жители, додека другите се со престој во странство до една година. Споредено со податоците од пописот во 2001 година бројот на вкупната популација е помал за 7,7 отсто, како резултат на емиграцијата и намалениот наталитет.