Религија

Денеска се празнува Света Марија Магдалина – Блажена Марија

Света Марија Магдалина

Мироносица рамноапостолна. Родум од местото Магдала крај Генисаретското Езеро, од племето Исахарово. Претходно мачена од седум зли дуохви, од кои ја ослободи Господ Исус и ја направи здрава. Верна следбеничка и служителка на Господ за време на Неговиот земен живот. Стоеше под Крстот на Голгота заедно со Пресвета Богородица и тагуваше горко. По смртта на Господ трипати го посети Неговиот гроб. Кога Господ воскресна, Го виде двапати: еднаш додека беше сама, а вторпат заедно со останатите жени Мироносици. Патуваше во Рим, излезе пред кесарот Тибериј и предавајќи му црвено обоено јајце го поздрави со зборовите: „Христос воскресна!“ Тогаш пред кесарот го обвини Пилат за неправедната осуда на Господ Исус. Кесарот го прими нејзиното обвинение и го премести Пилат од Палестина во Галија, каде што овој неправеден судија и заврши, во царска немилост и во тешка болест. Потоа од Рим се врати во Ефес кај Св. Јован Богослов, на кого му помагаше во делото на проповедањето на Евангелието. Со огромна љубов кон воскреснатиот Господ и со голема ревност му го јавуваше на светот Евангелието, како вистински Христов апостол. Се упокои мирно во Ефес и според Преданието погребана е во истата пештера во којашто беа чудотворно успиени во стогодишен сон Седумте отроци, после оживеани, па повторно умрени (под 4 август). Моштите на Света Марија Магдалина подоцна се пренесени во Цариград. Во близина на Гетсиманската градина се наоѓа прекрасен руски храм којшто ѝ е посветен на оваа светителка.

Светиот свештеномаченик Фока

На овој ден е споменот на преносот на неговите мошти од Понт во Цариград, околу 404 година. Главното празнување на овој светител е на 22 септември и под тој ден е опишан неговиот живот и страдањата. На денешен ден се спомнува и едно чудо извршено од него. Еден човек Понтин го фатија Арапите. Го оковаа, му ги врзаа рацете одзади и така го оставија да умре. Лежејќи мешечки на земја и не можејќи да се помрдне, Понтин повика: „Свет маченику Фока, смилувај се и спаси ме!“ Го рече тоа и заспа, а во сонот виде како светителот Фока му се приближи, го фати за рака и му рече: „Ти простува Господ Исус Христос!“ Кога се разбуди, човекот се најде слободен и разрешен од сите врски. Стана значи и отиде во својот дом и го зеде споменот на Св. Фока за домашна слава.

Преподобен Корнилиј Перејаславски

На петнаесет години се замонаши кај Старецот Павел. Подоцна се повлече во пустина на молчание. Триесет години молчеше и не проговори со никого ни збор, така што мнозина го сметаа за нем. Толку се исуши со пост, што личеше на костур. Пред смртта прими схима и се упокои на 22 јули 1693 година.

Светата маченичка Маркела

На островот Хиос оваа светителка ужива огромна почит. Во нејзината црква постојано се случуваат чуда. Но нејзиното житие е непознато. Според Преданието Маркела била необично побожна девојка, која рано останала без мајка. Нејзиниот незнабожен и ѕвероподобен татко сакал да живее со ќерката како со жена. Маркела побегнала од татко ѝ . Но овој, разјарен како вистински ѕвер, ја стигнал и ја исекол на парчиња. Во близина на нејзиниот храм се наоѓаат некои камења коишто овде-онде биваат како со крв попрскани. Тие камења народот ги зема, ги носи в црква, ѝ се моли на Света Маркела, па ги полага врз болни, и од тоа оздравуваат.

Поврзани вести

Back to top button