МакедонијаРелигија

Денеска е Велика Среда, денот кога Јуда го извршил предавството за 30 сребреници

На Велика Среда црквата ги спомнува настаните околу предавството на Христа од страна на еден од дванаесетте апостоли, Јуда Искариот за триесет сребреници, како и помазувањето од страна на покајаната грешница.

По Христовите беседи пред народот, како и јасното пророкување на тоа што треба да се случи, следи помазувањето на Христа од страна на една жена – грешница во Витанија, во домот на Симон прокажаниот, кого Христос претходно го излекувал. Тука треба да се направи разлика помеѓу помазувањето кое шест дена пред Пасха го извршила Марија, сестра му на воскреснатиот Лазар, како благодарност кон Господа.

Покајаната грешница го донела мирото во сад од алавастер. Мирото преставува миризлива течност направено од најдобро маслиново масло и смолести материи (како смирна или разни цветови). Гледајќи го помазувањето, Неговите ученици негодувале, сметајќи дека вредноста на мирото би можела да се употреби на поинаков начин – да се продаде и со тие пари да им се помогне на сиромашните. На тоа, Христос им одговорил дека Тој не е тука постојано, додека сиромашните ги имаат секогаш околу нив; уште повеќе, им ја открил вистинската причина поради која жената Го помазала – тоа било сторено за Неговиот погреб, пророкувајќи дека христијаните секогаш ќе се сеќаваат на таа жена, што се потврдува и до ден денешен.

Тогаш Јуда, воден од страста на среброљубието, увидувајќи дека нема никаква материјална полза од неговото следење и гневен на својот Учител, оди кај првосвештениците и преговара за предавството. Тројца од Евангелистите зборуваат за советувањето на првосвештениците со старешините јудејски околу погубувањето Христово. Плашејќи се од народни немири, се договориле да Го фатат со лукавство, во тајност и скришност, по завршувањето на пасхалните прослави. Но бидејќи нашле предавник кој би можел тајно да го предаде, и обземени од бесот, решиле тоа да го сторат дури и порано, за време на Пасхата. Овој собир се одржал во дворот на првосвештеникот Кајафа, чие вистинско име било Јосиф, зет на претходниот првосвештеник Анан. Самата цена која била понудена, и за која Јуда не преговарал, е само исполнување на пророштвото Захариино (Захариј 11,12-13).

Во утрото на Велика Среда, по завршената Литургија на Претходоноосветени Дарови, за последен пат се чита великопостната молитва на Св. Ефрем Сирин, и се прават три големи поклони. Потоа веќе не се прават поклони, освен пред плаштеницата на Спасителот во центарот на храмот.

Преподобен Јован Лествичник

Писателот на прочуената Лествица. Однекаде дојде на Синајската Гора како шеснаесетгодишно момче и остана овде, прво како послушник, потоа како отшелник и на крајот како синајски игумен до осумдесеттата година од животот, кога се упокои (околу 563 година). Неговиот животописец, монахот Даниил, за него вели: „Со телото се вознесе на Синајската Гора, а со духот на Гората Небесна“. Кај својот духовен отец, Мартириј, Свети Јован помина во послушание деветнаесет години. Кога Анастасиј Синајски еднаш го виде младиот Јован, за него прорече дека ќе биде синајски игумен. По смртта на својот духовник Јован се повлече во една пештера, во која во тешки подвизи проживеа дваесет години. Неговиот ученик Мојсеј еден ден заспа под сенката на еден голем камен. Додека во тој миг стоеше на молитва, Св. Јован виде дека ученикот му е во опасност и почна за него да Му се моли на Бога. Подоцна кога дојде, Мојсеј падна на колена пред својот духовен отец и му заблагодари зашто го спаси од сигурна смрт. Му раскажа како во сон го слушнал гласот на Св. Јован кој го викнал, па скокнал од сонот. Во тој миг оној голем камен паднал, а ученикот се спасил неповреден. На навалување на браќата светителот прифати да им биде игумен и со љубов и ревност се трудеше за спасението на човечките души. Еднаш слушна прекор од некои дека е многуглаголлив. Не се разгневи ни малку, но по ова замолча и цела година не изговори ни збор додека браќата не го измолија да им зборува и да продолжи да ги поучува со неговата Божествена мудрост. Еднаш во Синајскиот манастир дојдоа шестотини поклоници. На трпезата сите видоа едно вешто момче во еврејска облека како им служеше, а и на останатите слуги им заповедаше и ги распоредуваше. Одеднаш момчето исчезна. И кога сите се обѕираа и се распрашуваа, Свети Јован рече: „Не го барајте, тоа беше Пророкот Мојсеј, кој ни послужи на своето место“. За време на своето молчалништво во пештерата Св. Јован напиша многу духополезни книги, од кои најславна и до ден денес многу читана е „Лествица“. Во неа се опишува методот на вознесувањето на душата кон Бога како постапна лествица. Пред смртта Свети Јован го одреди својот брат по тело Георгиј за наследник во игуменството на манстирот. Но тој многу тагуваше заради разделбата со неговиот Свет брат и игумен. Тогаш Јован му рече дека ако се удостои со близината Божја на оној свет ќе се моли и тој, Георгиј, да биде земен. Така и стана. По десет месеци се упокои и Георгиј и стана небесен сограѓанин на својот свет брат Св. Јован Лествичник.

Спомен на монахот којшто радосно умре зашто никогаш во животот не осуди никого

Овој монах беше мрзлив, негрижлив, немолитвен, но во целиот свој живот не осуди ниеден човек. И кога умираше беше весел. Кога го прашаа браќата како при толку гревови умира весело, одговори: „Сега видов ангели што ми покажаа хартија со моите многубројни гревови. Јас им реков: „Господ рече: „Не судете за да не ви се суди““. Јас никогаш никого не осудив и се надевам на милоста Божја дека нема да ме осуди“. И ангелите ја искинаа онаа хартија. Кога монасите слушнаа за ова, се восхитија и се поучија.

Поврзани вести

Back to top button