Денеска е Св. Атанасиј Велики и Кирил Александриски
Свети Атанасиј Велики, архиепископ Алесандриски
Роден во Александрија 296 година. Од детството наклонет кон духовниот призив. Беше ѓакон кај архиепископот Александар и го придружуваше својот архиепископ на Првиот Вселенски Собор во Никеја. На овој Собор многу се прослави со неговата ученост, благочестие и ревност за Православието. Многу придонесе за побивањето на Ариевата ерес и за утврдувањето на Православието. Го напиша Симболот на Верата кој на Соборот беше усвоен. По смртта на Александар, Св. Атанасиј беше избран за архиепископ Александриски. Во архиепископскиот чин остана над четириесет години, иако не беше цело време на архиепископскиот престол. Речиси сиот живот беше гонет од еретиците. Од царевите најмногу го гонеа: Констанциј, Јулијан и Валент; од епископите Евсевиј Никомидиски со уште мнозина други; а од еретиците Ариј и неговите следбеници. Беше принуден да се крие од гонителите дури и во бунар, во гроб, по приватни куќи, по пустини. На двапати бегаше во Рим. Дури пред смртта едно време проживеа мирно како добар пастир сред своето стадо, коешто вистински го љубеше. Мал е бројот на светителите што се толку клеветени и толку злосторнички гонети како Св. Атанасиј. Но неговата голема душа најпосле излезе победоносна од сета таа долготрајна и страшна борба. За совет, утеха и морална потпора често одеше кај Свети Антониј, кого го почитуваше како свој духовен отец. Човекот којшто ја формулираше најголемата вистина мораше и да пострада за таа вистина, додека Господ не го упокои во Своето Царство овој Свој верен раб, во 373 година.
Свети Кирил Александриски
…
Свети Максим, архиепископ Влахозадпланински
Син на српскиот деспот Стефан и на преподобната мајка Ангелина. Замонашен во манастирот Манасија. Притеснет од Турците побегна во Романија, каде што го посветија на испразнетиот престол на архиепископот Влахозадпланински. Ги измири раскараните војводи Радул и Богдан и ја спречи војната меѓу нив. На постари години се врати во Крушедол, каде што го подигна манастирот и после подолг подвиг се упокои на 18 јануари 1546 година. Неговите нетлени и чудотоворни мошти и денес почиваат во тој манастир.